Тихановскаја побегна во соседна Литванија непосредно по спорните избори на 9 август и оттогаш ги посетува европските лидери и го повикува долгогодишниот белоруски претседател Александар Лукашенко да се повлече од власта.
Нејзиното име се најде и на руската листа на барани лица. Руското Министерство за внатрешни работи објасни дека ова се случило по автоматизам, како резултат на заедничкиот механизам на регионалниот блок чии членки, меѓу другите, се Русија и Белорусија.
Доколку биде прогласена за виновна, белоруската политичарка во егзил може да биде осудена на казна затвор до пет години.
За време на протестите што избија по претседателските избори, белоруските безбедносни сили уапсија повеќе од 13.000 лица, од кои некои подоцна биле ослободени.
Главните политички противници на Лукашенко или се во затвор или се побегнати во странство.
„Овој потег, на распишување потерница, никого не изненадува. Јасно е дека режимот не располага со законски начин да остане на власт“, изјави портпаролот на Тихановскаја.
Тихановскаја му даде краен рок на Лукашенко да се повлече од власта на 25 октомври, во спротивно ќе се соочи со масовни штрајкови што ќе ја парализираат земјата.
Властите претходно се заканија дека со цел да ги смират протестите и немирите ќе користат боева муниција.