Белорусија ги отстрани мигрантите од границата (ВИДЕО)

Белоруските власти вчера ги отстранија главните мигрантски кампови на границата со Полска, што претставува значителна промена во кризата што ескалира во конфликт меѓу Истокот и Западот во последните неколку недели.

Фото: ЕПА

Белоруската новинска агенција Белта објави дека мигрантите во шумата биле префрлени во складиште далеку од границата. Портпаролот на полската гранична служба потврди дека камповите се отстранети.

„Овие кампови сега се празни, мигрантите најверојатно се однесени во транспортно-логистички центар недалеку од граничниот премин Брузги“, изјави полскиот портпарол.

„Немаше други такви кампови... но имаше групи на други места што се обидуваа да ја преминат границата. Ќе видиме што ќе се случи... Сѐ уште има луѓе таму, но јасно е дека овој простор се празни“.

Во последните недели стотици мигранти се обидоа да ја преминат границата ноќе и се судрија со полските војници на границата. Се верува дека десет мигранти настрадале во студената шума, пишува Ројтерс.

Во ужасен показател за условите на границата, брачна двојка вчера во Полскиот центар за меѓународна помош рекла дека нивното едногодишно дете починало во шумата.

Меѓу жртвите на новата мигрантска криза е и неименуван мигрант, кој вчера беше погребен на муслимански гробишта во североисточна Полска.

Погребот во селото Бохоники на човек за кој се верува дека пристигнал од Африка е втор од ваков вид организиран од локалната татарска муслиманска заедница оваа недела.

Во понеделникот беше погребен 19-годишен Сириец што се удавил во река при обид од Белорусија да влезе во ЕУ.

„Тешко е“, изјавил за Ројтерс Мачиеј Шеснович, водач на локалната татарска муслиманска заедница. „Ме боли што луѓето тргнале во друга земја... и што таква судбина ги снајде овде во Полска.“

Вчерашната одлука на Белорусија да ги испразни камповите следува по интензивна дипломатија. Германската канцеларка Ангела Меркел во рок од три дена двапати разговараше со белорускиот претседател Александар Лукашенко, кого европските лидери обично го избегнуваат.

Белорусија претходно вчера објави дека Лукашенко ѝ предложил на Меркел план за решавање на кризата, според кој ЕУ ќе прими 2.000 луѓе, додека Минск ќе врати 5.000 во нивните татковини.

ЕУ вчера не реагираше официјално на тој план. Сепак, набргу по објавувањето, Европската комисија објави дека нема да преговара со Белорусија за мигрантите.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зихофер вчера по разговорите со својот полски колега изјави дека Германија нема да ги прифати бегалците заглавени на границата меѓу Полска и Белорусија.

„Ако ги прифатиме бегалците, ако попуштиме пред притисокот и кажеме дека ќе ги прифатиме бегалците во европските земји, тогаш тоа би значело се повлекуваме пред суштината на оваа перфидна стратегија“, рече Зихофер на прес-конференција во Варшава.

„Овде зборуваме за илегална и перфидна миграција организирана од Белорусија со одреден степен на поддршка од Русија“, рече Зихофер. „Полјаците не ги бранат само своите интереси. Во овој случај тие дејствуваат во интерес на цела Европа“, рече Зихофер.

И полското Министерство за внатрешни работи најави дека може да го затвори железничкиот транспорт на граничниот премин Кузница доколку белоруските власти не ја стабилизираат ситуацијата на границата.

Сепак, претходно вчера, стотици Ирачани се пријавија на аеродромот во Минск за лет назад во Ирак, прв лет од ваков вид од август.

„Немаше да се вратам да не беше мојата сопруга“, изјавил за Ројтерс во пресрет на летот еден ирачки Курд, кој сакал да остане анонимен. „Таа не сака да се врати со мене на границата бидејќи видела премногу ужас таму“. Двојката најмалку осум пати се обидела од Белорусија да премине во Литванија и Полска.

Во меѓувреме, белоруската државна компанија Белавија престана да им дозволува на државјаните на Авганистан, Ирак, Либан, Либија, Сирија и Јемен да се качат на летовите за Минск од Ташкент во Узбекистан.

Словенија: ЕУ да ги затвори границите, бегалците повеќе не се добредојдени

Европската Унија мора да ги затвори надворешните граници за да ги одврати мигрантите, кои повеќе не се добредојдени во богатиот блок од 27 члена, изјави вчера министерот за внатрешни работи на Словенија, која во моментов претседава со ЕУ.

Говорејќи на меѓународната конференција за миграција во Сараево, Алеш Хојс рече дека европските министри за внатрешни работи се преокупирани со пандемијата на коронавирусот, мигрантската криза, за која рече дека е хибридна војна што ја води Белорусија на источните граници на ЕУ, и со падот на владата во Авганистан.

„Сето ова дополнително го зголеми бројот на илегалните мигранти што се движат кон Европа и на Балканот, дестабилизирајќи ја Европската Унија“, изјави Хојс за новинарите. Тој ја спореди сегашната ситуација со приливот на бегалци и мигранти во 2015 година, кога ЕУ прими околу милион луѓе што побегнаа од војната во Сирија, но рече дека сега има голема разлика: „Повеќе бегалците не се добредојдени“.

Хојс рече дека разговорите со Лукашенко не дале видливи резултати, но оти верува дека кризата ќе заврши до пролет кога Полска ќе го заврши процесот на затворање на границите.

„Верувам дека надворешните граници мора да бидат обезбедени, дури и со огради доколку е потребно“, рече Хојс, додавајќи дека ја поддржува иницијативата ЕУ да финансира изградба на огради на надворешните граници.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе