„Зад нас е година во која Србија, мала но горда земја, решена љубоморно да ги чува својата политичка самостојност и воена неутралност, беше принудена за своите интереси да се бори во една сложена и проблематична политичка средина“, истакна Селаковиќ за Новости.
Со Вашингтонскиот договор потпишан во септември 2020 година Косово се обврза на 12 месеци да ги прекине своите обиди да се придружи во меѓународните организации, а Србија да ја прекине својата кампања меѓу државите за повлекување на нивните признавања на независноста.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ претходно изјави дека доколку кој било донесе одлука за признавање на Косово како независно, истиот момент Србија ќе ја почне кампањата за повлекување на признавањата.
Селаковиќ истакна дека над десет држави се спремни да ги повлечат своите признавања доколку Приштина почне со процесот за нови признавања, додавајќи дека станува збор за многу цврсти гаранции кои овие земји му ги дале на Белград.
Иако официјално не се зборува за кои држави станува збор, пред сè поради притисокот на кој би биле изложени поради таквата одлука од САД, се претпоставува дека станува збор за земји од Африка и Азија.