„Не одиме во таа насока. Имаме алатки за да го забрзаме излезот од оваа пандемија: достапни вакцини, дополнителни дози, вакцинација на деца и лекување“, им рече Зиентс на новинарите во Белата куќа.
„Можеме да го сузбиеме вирусот без да ја затвориме економијата“, додаде тој.
Зиентс истакна дека во петокот американскиот регулатор ја одобрил т.н бустер доза за сите возрасни Американци и дека оттогаш трета доза вакцина примиле 3 милиони Американци.
„Не одложувајте, добијте го вашиот бустер за да имате подобра заштита од ковид-19 како што се приближуваме кон зимата“, рече тој.
Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, пред новинарите изјави дека здравствените власти во моментов не препорачуваат карантин во борбата против пандемијата.
Псаки истакна дека администрацијата е фокусирана на вакцинација на што повеќе Американци.
„Ќе продолжиме да се потпираме на советите на нашиот здравствен тим и тоа (карантинот) не е нешто што тие го препорачаа“, рече Псаки.
Околу 71 отсто од возрасните Американци се целосно вакцинирани против ковид-19, додека 82 отсто примиле најмалку една доза.
Тековниот седумдневен просек на заразени со ковид-19 во САД, земја со околу 330 милиони жители, е 92.800 новозаразени дневно, што е за 18 отсто повеќе во однос на една недела претходно, рече на прес-конференција директорката на Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) Рошел Валенски. Од друга страна, хоспитализациите пораснале за 6 отсто, на околу 5.600 дневно.