„Ништо не би можело да ја пополни празнината настаната со оваа одлука“, кажа портпаролката Карин Жан-Пјер во авионот Ер форс уан со кој американскиот претседател отпатува во Германија на самитот на седумте индустриски најразвиени западни земји. „Единствениот начин таа празнина да се пополни е да дејствува Конгресот“, додаде таа.
Жан-Пјер кажа дека очекува дека ќе има правни предизвици за ограничувањата на државно ниво за жените кои патуваат за да направат абортус. Исто така кажа дека Бајден не ги поддржува предлозите за проширување на Врховниот суд и покрај тоа што не се сложува со најновите пресуди за абортусот и оружјето.
Врховниот суд на САД ја поништи пресудата од 1973 со која абортусот беше легализиран во целата земја, што е одлука која предизвикува една од најжестоките поделби во американскиот политички живот.
Судот во кој доминираат конзервативците ја поништи историската одлука во случајот Ро против Вејд, која го гарантираше правото на абортус на жените во САД.
Врховниот суд сега одлучи дека одделните сојузни држави можат да го ограничат или забранат абортусот.