Кај Јокохама

Балканците нема да бидат евакуирани, остануваат во изолација на крузерот

Додека Соединетите Држави, Канада и некои други земји почнаа да ги евакуираат своите граѓани од крузерот „Дијамантска принцеза“, кој се наоѓа во карантин во јапонското пристаниште Јокохама, поради епидемијата на коронавирусот ковид-19, граѓаните од балканскиот регион ќе останат на бродот до крајот на периодот на изолација оваа недела, објави порталот Балкан инсајт.

На бродот се наоѓаат околу 3.700 луѓе, а според јапонското Министерство за здравство, бројот на заразените е околу 400, претежно од надвор од Кина.

Меѓу патниците и членовите на екипажот, кои беа ставени во карантин на 3 февруари, има тројца македонски државјани, 14 српски државјани, шест Хрвати, еден државјанин на БиХ и еден на Црна Гора.

Од тројцата македонски државјани, двајца се во добра здравствена состојба, соопшти во четвртокот македонското МНР, додека тестовите покажале дека третиот Македонец е заразен со вирусот и е пренесен во јапонска болница.

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, во петокот рече дека четворица српски државјани се во изолација на бродот поради контакт со заразено лице, но дека резултатите од нивните тестови сè уште не се познати.

Министерството за надворешни работи на БиХ соопшти дека нивниот граѓанин е член на екипажот и дека не е заразен со вирусот.

Според изјавата на хрватскиот министер за надворешни работи, пет хрватски патници и еден член на екипажот се добро. „Предвидено е тие да останат на бродот барем до 19 февруари, во зависност од динамиката на тестирањето и другите здравствени процедури“, соопшти Министерството за БИРН.

Според податоците од 5 февруари, црногорскиот државјанин не е заразен.

Во меѓувреме, повеќе од 300 американски патници од крузерот „Дијамантска принцеза“ вчера беа пренесени во воените бази на САД и наредните две недели ќе ги поминат во карантин. Меѓу нив има 14 за кои тестовите покажаа дека се заразени со новиот вирус.

Неколку други држави најавија дека ќе го следат примерот на САД и ќе ги вратат своите државјани. Околу половина од 3.700-те патници и членови на екипажот се Јапонци.

Во Кина, во меѓувреме, официјалните лица велат дека бројот на заболените е зголемен за 2.048 и дека сега е 70.548. Ова се повеќе случаи отколку што беше објавено во неделата, но за неколку стотици помалку отколку што беше објавено во саботата.

Кинеските власти велат дека стабилизирањето на бројот на нови случаи е знак дека мерките што ги преземаат за да се спречи ширењето на болеста даваат резултати.

Сепак, епидемиолозите велат дека веројатно е премногу рано да се направат процени за да се спречи епидемијата во Кина и во централната провинција Хубеи, каде што првпат се појави вирусот. Официјалниот број на нови случаи и претходно паѓаше, а потоа доаѓаше до ненадејни скокови по промената на методологијата за дијагностицирање.

Пандемијата на коронавирусот која го зафати целиот свет, не само што има огромно влијание врз јавното здравство, општеството и економијата како целина, туку предизвика пустош и во спортот.

повеќе

За транспортерите – благодарам, за мерките – итност, за компаниите надеж дека Владата ќе ги искористи сите ресурси на државата за да ги одржи во живот, без разлика на цената што треба да се плати за тоа.

повеќе

Пандемијата со коронавирусот започна во време кога довербата во институциите беше на рекордно ниско ниво. 

повеќе