„Русија ги уништува самите основи на меѓународниот мир и безбедност. Влоговите во овој конфликт се јасни за сите - а светот како одговор испрати јасна порака: Русија не може да избрише суверена држава од картата. Русија не може да ги менува границите, Русија не може да окупира територија на друга земја како своја. Речиси осум месеци по оваа војна, светот штотуку покажа дека е пообединет и порешителен од кога било“, рече Бајден, пренесе Си-ен-ен.
Резолуцијата беше поддржана од 143 членки на Обединетите нации и гласаа за осуда на незаконскиот обид на Русија за анексија на Луганск, Доњецк, Керсон и Запорожје по референдумите кои западните лидери ги оценија како лажни. Само четири членки на ОН застанаа на страната на Москва - Белорусија, Северна Кореја, Никарагва и Сирија.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека гласањето го покажа меѓународното единство против Русија и повтори дека САД никогаш нема да ги признаат „лажните“ референдуми. Гласањето е „силен потсетник дека огромно мнозинство нации стојат со Украина, ја бранат Повелбата на ОН и цврсто се спротивставуваат на војната на Русија против Украина и нејзиниот народ“, рече Блинкен.