Расните тензии го окарактеризираа турбулентното четиригодишно претседателство на Доналд Трамп, а Бајден истакна дека упадот во Капитол, кој поддржувачите на Трамп го извршија на 6 јануари, бил дело на „крадци, бунтовници, политички екстремисти и поддржувачи на белата надмоќ“. Но Бајден истакна дека верува дека големо мнозинство Американци веруваат во еднаквоста, пренесува Ројтерс.
„Никогаш целосно не ги оправдавме основните начела на оваа нација дека сите луѓе се создадени еднакви и имаат право еднакво да бидат третирани во текот на животот“, кажа Бајден во изјавата дадена во Белата куќа.
Додаде дека сега е време за дејствување „не само затоа што тоа е правилно“, туку и дека ако тоа го направат „на сите ќе им биде подобро“.
Бајден почнува акција на четири фронта – со ограничување на американската влада за користење на приватни затвори, јакнење на антидискриминациската регулатива во областа на издавањето недвижности, истакнување на посветеноста на племенскиот суверенитет на Индијанците и осудување на дискриминацијата против Американците со потекло од Азија и пацифичките острови за кои кажа дека пораснала за време на пандемијата.
Соединетите Држави, кои сè уште го чувствуваат наследството на ропството укинато во 19 век, минатата година ги тресеа протести против расизмот и полициската бруталност во многу градови како одговор на бројни инциденти, вклучувајќи го убиството на Џорџ Флојд во Минеаполис во мај 2020.
На денот кога минатата година ја презема должноста, Бајден потпиша извршен указ со кој се воспоставува владина иницијатива за решавање на расната неправда и системскиот расизам во сојузните политики, законите и програмите.