„Ќе префрлиме американски трупи во Источна Европа, во земјите од НАТО, во блиска иднина. Не станува збор за многу војници“, им кажа американскиот претседател на новинарите додека излегуваше од авионот по враќањето од Пенсилванија.
На прашањето дали има нови информации за ситуацијата во Украина, Бајден одговори: „Не во последните неколку часа“.
Пентагон стави околу 8.500 американски војници во состојба на готовност за можно распоредување во Европа среде тензиите со руската војска во близина на украинската граница.
Претходно неделава портпаролот на Пентагон Џон Кирби кажа дека САД се спремни да испратат 8.500 војници во Европа, но конечна одлука за тоа сè уште не е донесена. Според него, станува збор за борбени, извидувачки, воздухопловни, санитетски и транспортни единици.
Кирби во вторникот за Си-ен-ен објасни дека САД не планираат да распоредат своите трупи во Европа надвор од териториите на земјите членки на НАТО.