Тој кажа дека „целиот свет ја видел бруталноста и нехуманоста“ во Буча и ги повика одговорните нации „да се обединат и да ги казнат извршителите“.
„Цивили кои се ладнокрвно убиени и фрлени во масовни гробници. Ги оставиле за целиот свет тоа да го види, без какво било оправдување. Тоа е ништо помалку од големо воено злосторство“, кажа Бајден.
„Одговорните нации мора да се обединат и да ги казнат извршителите. Заедно со нашите партнери и сојузници ќе продолжиме да го креваме трошокот на војната за Путин, да му нанесуваме болка и дополнително економски да ја изолираме Русија“, кажа Бајден.
Американскиот претседател кажа дека Западот презема чекори кои „ќе го намалат БДП на Русија за повеќе од 10 отсто оваа година“, па додаде дека економските санкции „веројатно ќе ги избришат последните 15 години од рускиот напредок“.
Повтори дека ќе го потпише извршниот указ со кој се забрануваат сите американски инвестиции во Русија.
„Благодарение на храброста и борбениот дух на украинскиот народ, Русија веќе доживеа неуспех и не успеа да ги оствари своите првични воени цели. Русија сакаше да го заземе Киев, да ја урне украинската демократија и избраната влада. Киев и денес стои, а владата и понатаму е на власт“, кажа Бајден.
„Но, борбата е далеку од готова. Војната ќе продолжи уште долго, но Америка ќе продолжи да биде со Украина и украинскиот народ во борбата за слобода“, заклучи Бајден.