Двајцата лидери, на кои ова ќе им биде првата средба во живо од изборот на Џо Бајден, ќе разговараат за тоа како на „одговорен начин“ да управуваат со ривалството на Кина и САД, и истовремено да се обидуваат да работат заедно таму каде интересите им се поклопуваат, кажа портпаролката на Белата куќа Карин Жан Пјер.
Бајден и Си, кои веќе неколку пати разговараа по телефон и преку видео врска, ќе разговараат и за низа меѓународни и регионални прашања, кажа таа, не наведувајќи точно кои.
„Она што сакам да го направам кога ќе разговараме е да го утврдиме типот на црвените линии“ кои треба да ги почитуваме, кажа вчера Бајден на прес-конференција во Вашингтон.
Тој кажа дека американската доктрина околу Тајван воопшто не е сменета, избегнувајќи повторно да ги каже претходните изјави кои го иритираа Пекинг, односно дека американската војска ќе го брани Тајван ако биде нападнат.
Си Џинпинг минатиот месец го доби третиот мандат на конгресот на Комунистичката партија на Кина, зајакнувајќи го својот статус на најмоќен кинески лидер од Мао Цедунг. Тоа предизвикува стравувања на Тајван, но и во Вашингтон, дека Кина ќе ги удвои напорите да оствари повторно обединување со одметнатиот остров.
Последниот разговор на двајцата лидери беше на крајот на јули и Белата куќа со недели работела на организација на билатералната средба на Бали.
Во меѓувреме тензиите меѓу Вашингтон и Пекинг не се смалени, напротив. Се однесуваат на Тајван но и на позиционирањето на секоја сила кон Русија и нејзината војна во Украина, како и на нивниот технолошки и трговски ривалитет во момент кога Американците се обидуваат повторно да ја придвижат својата модерна индустрија за да ја намалат зависноста од Кина.