По победата на талибанците во Авганистан

Бајден: Американците нема да гинат во војна во која Авганистанците не се спремни да се борат

„Нашиот единствен витален национален интерес во Авганистан и денес останува она што отсекогаш бил, да спречиме терористички напад врз американската татковина“, рече Бајден по комплетниот колапс и преземањето на целата земја од талибанците. Тој додаде дека целта на САД во Авганистан никогаш не била градење нација.

Фото: ЕПА
„Мојот тим и јас ја следиме ситуацијата во Авганистан и планираме за сите можности, вклучувајќи го и брзиот колапс што се случува сега. Но прво сакам да ве потсетам како дојде до ова. Отидовме во Авганистан пред 20 години со јасна цел - да ги фатиме сторителите на нападот на 11 септември. Тоа и го сторивме. Ја докрајчивме Ал каеда во Авганистан. Ние не сакавме во Авганистан да градиме нација. Нашата цел останува она што беше порано - да спречиме терористички напад врз нашата татковина“, рече Бајден.
 
„Денес, терористичката закана метастазираше надвор од границите на Авганистан. ИСИС се обиде да создаде калифат во Сирија и Ирак. Тие закани го исцрпеа нашето внимание и нашите ресурси“, рече американскиот претседател.
 
„Кога јас ја презедов функцијата, го наследив договорот што со талибанците го постигна Доналд Трамп. Нашите сили во Авганистан паднаа од 15.000 на 2.500. Талибанците сега се најсилни од 2001 година. Мојот избор беше или да ги почитувам тие преговори или да влезам во војна со талибанците. Немаше договор за заштита на нашите сили по 1 мај. Остана само студената реалност - или да ги повлечеме нашите сили или да го ескалираме конфликтот и да испратиме илјадници американски војници. Јас стојам на мојата одлука. По 20 години на потешкиот начин научив дека нема добро време за повлекување на американските сили. Ризиците ни беа јасни, планиравме за секоја можност, но вистината е дека ова се разви побрзо отколку што очекувавме. Што се случи? Авганистанските лидери избегаа од земјата и нивната армија пропадна“, рече Бајден.
 
„Авганистанците не беа спремни да се борат“
 
„Американците нема да гинат во војна во која Авганистанците не се спремни да се борат. Авганистанската армија имаше 300.000 луѓе, им го дадовме секое оружје што можевме, им ги плаќавме платите. Им дававме воздушна поддршка. Им ја дадовме секоја шанса, но не можевме да им дадеме волја да се борат“, рече Бајден.
 
„Кина и Русија не би сакале ништо повеќе отколку ние да продолжиме да трошиме милијарди во Авганистан. Кога го примив авганистанскиот претседател во јуни во Белата куќа, разговаравме искрено. Разговаравме дали нивната војска е подготвена да води граѓанска војна кога ќе заминеме, дали нивната влада е подготвена да се бори против корупцијата. Тие не направија ништо од тоа. Господинот Гани ме уверуваше дека нивната војска ќе се бори“, рече тој.
 
„Уште колку надгробни плочи сакате на Арлингтонските гробишта?“
 
„За оние што сакаат да останеме, имам неколку прашања: уште колку надгробни плочи сакате на Арлингтонските воени гробишта? Уште колку од нашите синови и ќерки треба да испратиме таму? Ова се грешки што не смееме да ги повториме, бидејќи имаме витални интереси во светот и не смееме да ги игнорираме“, рече тој.
 
„За сите оние што ги загубија најблиските во Авганистан, за сите војници што ги оставија своите животи и екстремитети таму, ова е длабоко лично. Јас бев во Авганистан додека траеше војната, бев во Кандахар и на други места. Поминав време со нашите војници и сфатив што е можно, а што не е. Ќе продолжиме да ги поддржуваме Авганистанците преку дипломатија, ќе продолжиме да се залагаме за човековите права на жените и девојките во Авганистан. Но вистинскиот начин да се направи ова не е бесконечен воен конфликт, туку дипломатија, економија и повикување на светот да се приклучи“, рече Бајден.
 
„Им порачавме на талибанците дека доколку нѐ нападнат, одговорот ќе биде жесток“

„Го одобрив испраќањето на уште 6.000 војници во Авганистан за евакуација на Американците и на нашите авганистански сојузници. Безбедно ја затворивме нашата амбасада и ги евакуиравме нашите дипломати. Во наредните денови ќе евакуираме илјадници американски државјани од Авганистан. Веќе извлековме 2.000 Авганистанци и нивните семејства и ги сместивме во САД. Во следните денови ќе ги повлечеме уште ранливи Авганистанци што работеа за американската амбасада и за нашите агенции. Ме прашуваат зошто порано не ги извлековме Авганистанците - затоа што самите не сакаа да заминат и се надеваа дека ова нема да се случи толку брзо. Нашата војска ја врши таа задача професионално и ефикасно. Ние им рековме на талибанците дека доколку нѐ нападнат, одговорот ќе биде жесток. Ние ќе го браниме својот народ со разорна сила“, рече Бајден.

„Не постои воена сила што може да воспостави демократија во Авганистан“

„Кога ќе ја завршиме таа мисија, ќе ја окончаме најдолгата американска војна во историјата, која траеше 20 години. Сега гледаме дека не постои воена сила што може да воспостави демократија во Авганистан, земјата што е позната како 'гробишта на империи'. Направивме многу грешки во изминатите децении, но јас нема да му ја пренесам таа одговорност на следниот претседател. Не сакам да го мамам американскиот народ и да му велам дека ни треба само уште малку време. Јас сум претседател на САД и таа приказна запира тука, со мене. Не жалам за одлуката да се повлечеме од Авганистан и сакам да го задржам фокусот на другите закани низ целиот свет“, рече Бајден.

„Не можам и не сакам да барам од нашите војници бесконечно да се борат во туѓа војна. Тоа не е од американски национален интерес, не е она што ја заслужува нашата војска. Му ветив на американскиот народ кога ќе се кандидирав дека ќе ја окончам таа војна. Им го ветив тоа на храбрите војници што ѝ служат на оваа нација. Нашите водачи го направија тоа во Виетнам, но јас не сакам да го сторам тоа во Авганистан“, рече Бајден.

„Тоа е правилната одлука за Америка. Бог нека ги заштити нашите дипломати и нашата војска“, заклучи Бајден и ја напушти просторијата. Новинарите веднаш почнаа да довикуваат прашања, но претседателот само се сврте и си замина.

Американскиот претседател Џо Бајден се врати во Белата куќа од претседателското одморалиште во Камп Дејвид за да говори за повлекувањето на САД од Авганистан, што резултираше со целосен колапс на владата во Кабул и преземање од страна на талибанците, кои вчера влегоа во Кабул и ја окупираа претседателската палата, откако претседателот избега.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Го потсетувам претседателот на државата дека уставниот рок за создавање на парламентарно мнозинство е 20 дена, а веќе 30 дена Владата нема парламентарно мнозинство.

повеќе

Неразрешеноста на случајот („Јавна соба“) дури после речиси две години од неговото откривање ја активира јавноста бидејќи се руши илузијата дека надлежните работат на случајот.

повеќе

На националистичките агенди во регионот им треба релативно мала искра за да се направи многу поголем пламен.

повеќе