Нагорно Карабах

Азербејџанската војска влезе во вториот од трите окрузи кои им ги предаде Ерменија (ВИДЕО)

Азербејџан соопшти дека неговите сили влегле во вториот од трите окрузи кои во рамки на договорот за кој беше завршен шестнеделниот судир околу регионот Нагорно Карабах треба да му ги предаде Ерменија.

EPA-EFE

Министерот за одбрана во Баку соопшти дека „единиците на азербејџанската војска влегоа во Калбаџар на 25 ноември“ во рамки на договорот за примирје кој месецов го потпишаа Ерменија, Азербејџан и Русија.

Сместен меѓу спорниот регион Нагорно Карабах и ерменската територија, Калбаџар првично требаше да биде предаден на 15 ноември, но рокот од хуманитарни причини го продолжи Азербејџан.

„Завршени се инженерските работи за да се обезбеди движењето на нашите единици во таа насока, по тешко проодните планински патишта кои се чистат од мини и подготвуваат за употреба“, соопшти министерството.

Ерменија се сложи на предавање на трите окрузи околу Карабах – Адхам, Калбаџар и Лачин – во рамки на договорот со кој прекина азербејџанската офанзива која зазема делови од територијата изгубена во војната во 1990-тите.

Адхам беше предаден на 20 ноември, а Лачин ќе биде предаден на 1 декември.

Во деновите пред предавањето жителите на Калбаџар спакувале што можеле, одлучни во намерата да не му остават ништо на долгогодишниот непријател.

Новинарите на агенцијата Франс прес сведочеле на тоа како локалните жители собираат електрични кабли, товарат делови од хидроцентрали во камиони, па дури сечат и дрва и ги носат со себе.

Азербејџанците кои пред речиси 30 години избегале од регионот треба да се вратат.

Битката меѓу двете поранешни советски републики околу Нагорно Карабах повторно изби на крајот на септември, поради што во планинскиот регион се разгоре конфликтот кој долго тлее.

Етнички ерменската енклава се одвои од Баку во 90-тите и прогласи независност, иако меѓународната заедница ја призна како дел од Азербејџан.

Мировниот договор беше постигнат по шест недели тешки борби во кои азербејџанската војска ги победи ерменските бунтовнички сили и се закани да стигне до главниот град на Карабах, Степанакерт.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе