Австрија вели дека повторното отворање на продавниците не го забрза ширењето на заразата

Првото олеснување на мерките за ограничувања во Австрија од пред три недели, кога се отворени илјадници продавници, не предизвика нов пораст на заразени лица, но и понатаму е потребна претпазливост, рече денес австрискиот министер за здравство.

Австрија рано делуваше во борбата против пандемијата затворајќи ги баровите, рестораните, училиштата, театрите, продавниците кои не се неопходни и други места за собирање уште пред седум недели.

Ова помогна дневниот број на заразени да се намали на помалку од 1% и бројот на смртни случаи од коронавирус да остане релативно низок, при што досега се пријавени 606 смртни случаи.

Врз основа на тие бројки на 14 април Австрија беше една од првите во Европа што започна да ги ублажува мерките на карантин, повторно ги отвори продавниците за алат и градинарските центри, како и продавниците до 400 квадратни метри.

„Сега можеме многу добро да ги разгледаме и процениме ефектите од 14 април и деновите после тоа. Тие покажуваат дека првиот чекор од отворањето помина одлично“, рече министерот за здравство Рудолф Аншобер на прес-конференција.

„Немаме индикации за значително зголемување во одредени области. Ситуацијата е многу, многу константна, многу, многу стабилна и ова е многу, многу позитивна, добра состојба“, рече тој.

Дневното зголемување на новозаразените лица изнесува 0,2%, додаде тој.

Сегашните податоци не го отсликуваат влијанието на неодамнешното ново ублажување на мерките од 1 мај, кога е дозволено повторно отворање на фризерските салони и други даватели на услуги на повеќе од 400 квадратни метри.

Планирани се нови чекори, така што рестораните, баровите, музеите и хотелите треба да се отворат овој месец.

Аншобер и министерот за внатрешни работи Карл Нехамер ги повикаа граѓаните да продолжат да внимаваат на физичкото дистанцирање и на барањето во продавници, во јавниот превоз и во некои владини згради да се носат заштитни маски.

„Личната одговорност и дисциплината и понатаму се најважни бидејќи можниот нов бран (на зараза) не смее да биде цунами“, рече Нехамер.

Со оглед на неизвесноста околу развојот на пандемијата, министерот за финансии Гернот Блумел рече дека веројатно нема да биде можно да се процени нејзиното влијание врз економијата до есен.

„Сега е јасно само едно: ништо не е јасно и ситуацијата мора секој ден да се преиспитува. И без оглед на кои бројки се темели сега буџетот, тоа нема да се одржи“, рече Блумел во изјавата.

Тој ги повика пратениците да го одобрат неговиот сега веќе застарен буџет, за да можат министерствата соодветно да се финансираат.

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе