Албанезе одговараше на прашање на независна пратеничка, која кажа дека слободното новинарство е јавен интерес и е „од суштинско значење за демократијата“, и додаде дека слободата на Асанж „ќе дојде само по политичка интервенција“, пренесува Асошиејтед прес.
„Морам да ги уверам членовите на парламентот дека оваа дискусија јас лично ја почнав со претставници на владата на Соединетите Американски Држави“, одговори Албанезе и додаде: „Мојот став е јасен и јасно ѝ е дадено до знаење на американската администрација дека е време ова прашање да се затвори“.
Албанезе не кажа дали разговорот го иницирал со американскиот претседател Џо Бајден, на состанокот на Бали пред две недели, или со други претставници на Вашингтон.
Џулијан Асанж, австралиски државјанин, е затворен во затворот Белмарш во Лондон додека САД се обидуваат да изнудат екстрадиција за да му судат за објавувањето на стотици илјади тајни документи за војните во Авганистан и Ирак, како и тајни дипломатски преписки.