Годинава

Австралија прва во светот ќе ги натера Фејсбук и Гугл да плаќаат за објавите на вести

Австралија ќе ги принуди технолошките гиганти како Фејсбук и Гугл да им плаќаат на австралиските медиуми за објавените вести, потег насочен кон заштита на независното новинарство и кој ќе биде под будното око на целиот свет.

Фото: ЕПА

Австралија ќе стане првата земја што ќе побара од интернет-компаниите да им плаќаат на медиумските куќи за содржината, според модел сличен на авторските права, и тоа ќе го регулира со закон годинава, рече министерот за финансии Џош Фриденберг.

„Тоа би било фер за работата на австралиските медиуми. Мора да обезбедиме подобра конкуренција, подобра заштита на потрошувачите и одржлива медиумска атмосфера“, им рече Фриденберг на новинарите во Мелбурн. „Се работи за иднината на австралиското медиумско опкружување“.

Овој потег следува откако технолошките гиганти почнаа да се бранат од построгите регулативи низ дел од светот и еден ден откако американските пратеници на конгресното сослушување ги нападнаа Гугл и Фејсбук за злоупотреба на пазарната моќ.

Откако ги испита пазарот на медиуми и моќта на американските платформи, австралиската влада кон крајот на минатата година побара од Фејсбук и Гугл со медиумите да преговараат за договор за користење на нивните содржини.

Преговорите не дадоа плод, па Канбера најавува дека, доколку не се постигне договор во рок од 45 дена, австралиската агенција за комуникации и медиуми ќе донесе законски обврски од име на владата.

Гугл вели дека регулативата ги игнорира „милијардите кликови“ што тој им ги испраќа на австралиските медиуми секоја година.

„Ова им праќа загрижувачка порака на компаниите и инвеститорите дека австралиската влада попрво ќе интервенира наместо да го пушти пазарот сам да работи“, рече Мел Силва, извршен директор на Гугл за Австралија и Нов Зеланд. „Не прави ништо за да ги реши фундаменталните предизвици на креирањето деловен модел погоден за дигиталното време.“

Фејсбук сè уште не одговорил на барањето за коментар.

Медиумските компании како „Њуз корп Австралија“, која е дел од медиумската група „Руперт Мардок њуз корп“, силно лобираа кај владата да ги донесе американските компании на преговарачка маса, поради долгогодишниот пад на приходите од реклами.

„Додека другите земји зборуваат за неправедно и штетно однесување на технолошките гиганти, австралиската влада... е прва во светот што реагира“, рече извршниот директор на Њуз корп Австралија, Мајкл Милер.

Една студија од 2019 година откри дека во изминатите десет години во Австралија се угасени 3.000 новинарски работни места, бидејќи традиционалните медиумски компании ги потрошиле своите приходи од рекламирање на Гугл и Фејсбук, кои не плаќале ништо за медиумските содржини.

За секои 100 американски долари потрошени за онлајн-рекламирање во Австралија, не сметајќи ги кратките новински реклами, скоро една третина оди на Гугл и Фејсбук, рече Фриденберг.

И некои други земји се обидоа да ги принудат технолошките гиганти на договор, но не успеаја.

Медиумските компании во Германија, Франција и Шпанија се обидоа да донесат национални закони за авторски права што ќе го присилат Гугл да плаќа за лиценци кога објавува извадоци од написите од нивните весници.

Во 2019 година Гугл престана на француските корисници да им покажува исечоци од европските медиумски куќи, додека најголемата германска медиумска компанија, „Аксел Спрингер“, дозволи нејзините вести да се појавуваат на пребарувачот кога ќе падне посетеноста на нејзините страници.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе