Во соопштението на Интерпол се истакнува дека помошта се состои од испраќање на фотографии и ДНК профилот на пронајдено девојче на сите земји членки на таа организација, пренесува Франс прес.
Интерпол информациите за Марија на своите членки им ги испратил преку таканаречената „жолта потерница“, која се испраќа за да се побара помош во пронаоѓањето на исчезнати лица, особено малолетници или, како во овој случај, за да се утврди идентитетот на лица кои самите не си го знаат.
„Досега споредувањето на ДНК профилот на девојчето со оние од глобалната база на податоци не даде резултати. Од сите 190 членки на Интерпол сега се бара да го проверат нејзиниот ДНК профил со сите профили од своите бази на податоци“, се вели во соопштението на меѓународната полициска организација.
Покрај ова, Интерпол на барање на Грција објавил сини потерници за 39-годишниот Христос Салис и 40-годишната Елефтерија Димопулу, ромската двојка кај која беше пронајдено девојчето, додавајќи дека со тој вид потерница се бараат дополнителни информации за идентитетот на лицето, локацијата на која се наоѓа или неговите активности.
Во соопштението се потсетува дека грчките власти истражуваат дали русокосото девојче, за кое се проценува дека е старо пет или шест години, е киднапирано или е жртва на трафикинг.
Девојчето, кое е познато по името Марија, полицијата го откри минатата недела во ромска населба во близина на градот Фарсала во Централна Грција. Таа го привлекла внимението на полицијата поради исклучително светлата коса и зелените очи, со кои се разликувала од изгледот на членовите на семејството со кое живеела.
Малата Марија требало да биде продадена на нелегално посвојување
Иако малата Марија била пронајдена во рација за илегални активности во ромските кампови во Грција минатата недела, таа требало да биде продадена за нелегално посвојување, но била оставена кај ромската двојка откако „зделката пропаднала“, пишува британски Телеграф.
„Тоа било посвојување кое не било баш легално, но со согласност од мајката“, изјавил Константинос Кацавос, еден од адвокатите кои го застапуваат 39-годишниот Салис.
Директорот на атинската хуманитарна организација „Насмевката на детето“ Костас Јанопулос тврди дека местото на кое била откриена Марија е „добро познато по трговијата со бебиња, која ја спроведуваат Роми од Романија, Бугарија, Грција и Англија“.