На американско-мексиканската граница

Асошиејтед прес: Фотографија на удавени татко и ќерка ја истакнува опасноста за мигрантите (ВОЗНЕМИРУВАЧКО ФОТО)

Маж и неговата 23-месечна ќерка лежат со лицата надолу во плитката вода по должината на брегот на Рио Гранде. Неговата црна маица крената до неговите гради, а главчето на девојчето пикнато во неа. Нејзиното раче е обвиено околу неговиот врат, што укажува дека се држела за него во последните моменти, вели Асошиејтед прес.

Бруталната фотографија од тажното откритие во понеделникот, направена од новинарката Џулија ле Дук и објавена во мексиканскиот весник „Ла Хорнада“, ги истакнува опасностите од последната миграциска криза главно на Централноамериканци што бегаат од насилството и сиромаштијата и се надеваат на азил во САД.

Од врелата пустина Сонора до понекогаш брзата Рио Гранде, американско-мексиканската граница подолго време е смртоносна патека за оние што нелегално ја преминуваат меѓу влезните точки.

Само во последниве неколку недели, две бебиња, дете и жена, беа пронајдени мртви во неделата, покосени од жештината. Други три деца и возрасен маж од Хондурас загинаа во април откако нивниот сплав беше преплавен во Рио Гранде, а 6-годишник од Индија беше пронајден мртов месецов во Аризона, каде што температурите редовно се искачуваат над 40 Целзиусови степени.

„Многу е жално што се случило ова“, рече денеска мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, запрашан за фотографијата. „Отсекогаш сме го критикувале тоа што, откако САД се позатворени, има луѓе што ги губат своите животи во пустината или минувајќи ја“ реката.

Според извештајот на Ле Дук, Оскар Алберто Мартинез Рамирез, фрустриран поради тоа што семејството од Ел Салвадор не успева да им се претстави на властите во САД и да побара азил, тргнал да ја преплива реката со својата ќерка Валерија.

Телата на салвадорскиот мигрант Оскар Алберто Мартинез Рамирез и неговата речиси двегодишна ќерка Валерија лежат на брегот на Рио Гранде во Матаморос, Мексико, во понеделникот, 24 јуни, откако се удавиле во обид да ја преминат реката кон Браунсвил, Тексас. Сопругата на Мартинез, Тања, на мексиканските власти им рекла дека гледала како нејзиниот сопруг и дете исчезнуваат во силната струја

Го оставил девојчето на американскиот брег од реката и почнал да се враќа по својата сопруга, Ванеса Авалос, но кога Валерија го видела татко си како се оддалечува, се фрлила назад во водите. Мартинез се вратил и успеал да ја зграпчи, но струјата ги однела обајцата, ѝ рекла Авалос на полицијата што дошла на местото.

Нивните тела биле откриени во понеделникот наутро на брегот на реката во близина на Матаморос, Мексико, наспроти Браунсвил, Тексас и неколку стотици метри од местото каде што се обиделе да поминат, на само еден километар од еден меѓународен мост.

Сликата потсетува на онаа од 2015 година на тригодишното сириско момче што се удави во Медитеранот во близина на Турција, иако допрва останува да се види дали може да го има истото влијание во фокусирањето на меѓународното внимание кон миграцијата во САД.

Американската политика драстично го намали бројот на мигрантите на кои им е дозволено да побараат азил, од десетици на ден до понекогаш само неколкумина на некои влезни точки.

Соединетите Американски Држави, исто така, ја прошируваат својата програма според која барателите на азил чекаат во Мексико додека нивните барања се обработуваат во американските судови, чекање што може да трае неколку месеци или дури години.

Оваа недела, градот Нуево Ларедо во Тамаулипас, истата држава каде што се наоѓа Матаморос, рече дека ќе стане најновиот град што ќе почне да ги прима повратниците уште во петок.

Многу мигрантски кампови од мексиканската страна се преполни, а картелите контролираат поголем дел од Тамаулипас и се знае дека киднапираат и убиваат мигранти.

Во меѓувреме се зголемува и самата миграција во Мексико, а голем дел од фокусот е ставен на запирање на нелегалната имиграција на југот на земјата.

„Со поостри мерки и ограничувања“, рече Крис Рамон, виш аналитичар за имиграциски политики во аналитички институт во Вашингтон, „луѓето што се обидуваат да влезат во Мексико или во САД ќе прибегнуваат кон сè поочајни чекори“.

Објавено

Вторник, Јуни 25, 2019 - 23:13

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе