Жалбата на минатомесечната одлука денес беше предадена во Вишиот суд во Лондон, а нејзиното поднесување претставува нов пресврт во децениската правна сага предизвикана со објавувањето на доверливи американски документи на сајтот Викиликс.
Поддржувачите на Асанж, кој во недела полни 51 година, протестираа денес пред зградата на британското министерство за внатрешни работи, барајќи негово ослободување. Меѓу демонстрантите беше и неговата сопруга Стела Асанж.
Асанж, кој е австралиски државјанин, со години води правна битка пред британските судови за да избегне екстрадиција во САД, каде се соочува со 17 обвинувања за шпионажа е едно за злоупотреба на компјутери.
Американските обвинители тврдат дека Асанж му помогнал на аналитичарот на разузнавачката служба на САД Челси Менинг да ги украде доверливите дипломатски преписки и воени документи, кои подоцна ги објави Викиликс.
Поддржувачите на Асанж наведуваат дека тој е истражувачки новинар кој разоткрива тајни, вклучувајќи ги злосторствата на американската војска во Ирак и Авганистан.
Лондонски суд во април пресуди дека Асанж може да биде екстрадиран во САД. Британската министерка за внатрешни работи Прити Пател на 17 јуни го потпиша налогот со кој се одобрува екстрадицијата на Асанж.