Американските обвиненија се политички мотивирани и злоупотреба на моќта

Асанж би можел да заврши во најозлогласениот затвор во САД

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж веројатно ќе биде испратен во сојузниот затвор Супермакс во Колорадо ако биде екстрадиран во Соединетите Американски Држави и осуден за шпионирање, изјави вчера пред британскиот суд поранешната управителка на Казнено-поправниот центар Метрополитен во Њујорк Морин Бејирд.

EPA-EFE

Таа, сведочејќи на судот кој одлучува за екстрадицијата на Асанж во САД, кажа дека тој би морал да „умира“ за да излезе од веројатно најозлогласениот затвор во Соединетите Држави.

Американски обвинители поднесоа обвинение против 49-годишниот Австралиец во 18 точки поради објавувањето на тајни државни документи, за кои е одредена максимална казна од 175 години.

Во јуни министерството за правда на САД го прошири обвинението против Асанж во кое е наведено дека бил во заговор со припадници на хакерска група и дека се обидувал да регрутира и други хакери за на неговиот сајт Викиликс да му доставуваат доверливи информации.

Адвокатите на Асанж тврдат дека американските обвиненија се политички мотивирани и дека претставуваат злоупотреба на моќта која ќе ја задуши слободата на печатот. Тие тврдат дека Асанж како новинар има право на заштита врз основа на првиот амандман на американскиот устав, и велат дека објавените документи ја разоткриле американската воена неправда.

Меѓу документите кои ги објави Викиликс имаше и видео-снимка од напад на хеликоптер „апач“ на американските сили од 2007 година во Багдад во кој биле убиени 11 луѓе, вклучувајќи двајца репортери на Ројтерс.

Адвокатите наведоа дека Асанж боледува од широк спектар ментални проблеми, вклучувајќи склоност кон самоубиство, што тешките затворски услови во САД дополнително би го влошиле. Бејирд кажа дека Асанж веројатно ќе се соочи со најтешките затворски услови кои САД можат да ги наметнат, услови кои можат да предизвикаат низа ментални проблеми, како анксиозност и параноја.

„Од своето искуство, од речиси три децении работа во сојузните затвори, би се сложила дека долготрајната изолација може да има сериозни негативни ефекти врз здравјето на затвореникот“, кажа таа.

Кажа и дека Асанж веројатно би бил држен под посебни административни мерки ако биде екстрадиран во САД, како во истражниот притвор, така и по осудувачката пресуда, поради загриженоста на американската влада за националната безбедност.

Според овие мерки, кои се дискрециско право на американскиот државен обвинител и кои се користат за осудени терористи, затворениците речиси цел ден го минуваат затворени во ќелиите без контакт со други затвореници и надворешниот свет.

Имајќи предвид дека најверојатно ќе бидат барани специјални административни мерки, Бејирд кажа дека тој најверојатно ќе заврши во затворот во Колорадо, „освен ако не се случат сериозни промени во неговиот медицински статус“.

Повикувајќи се на примерот на осудениот терорист Мустафа Камел Мустафа, Бејирд кажа дека Асанж би морал „речиси да умира“ за да биде префрлен во друга установа. Мустафа, познат и како Абу Хамза, поранешен свештеник во џамија во Лондон, беше екстрадиран од Британија во САД во 2012 година. Ампутирани му се двете раце и слеп е на едното око. Специјалните административни мерки му се наметнати брзо по екстрадицијата, а тој во последните пет години е сместен во специјална безбедноста единица во затворот во Колорадо.

Асанжовото сослушување за екстрадиција, кое го одложи пандемијата на коронавирусот, би требало да заврши неделава. Супермакс се смета за најбезбедна американска казнена установа.

Таму се сместени некои од најопасните криминалци во земјата. Во затворот казните ги служат мексиканскиот нарко бос Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, Закаријас Мусауи, припадникот на Ал каеда кој помогнал во планирањето на нападите од 11 септември 2001, и Рамзи Јусеф, одговорен за бомбардирањето на Светскиот трговски центар во 1993 година.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе