Археолози најдоа гробница како Тутанкамоновата покрај супермаркет во Англија (ФОТО)

Археолошките откритија често почнуваат со некоја мала трага, а понекогаш на нив се наидува сосема случајно. Тоа се случи со откривањето неверојатно наоѓалиште во Англија кога археолозите во близина на супермаркет открија гробница што ја нарекоа англиска верзија на Тутанкамоновата, објави Би-би-си.

Кога научниците во 2003 година дознале за археолошки локалитет откриен по изградбата на патот во Есекс, не ни сонувале дека во него ќе го најдат најстариот пример на христијански англосаксонски кралски погреб.

Кралската гробница била пронајдена помеѓу паб и супермаркет Алди, а археолозите ископале десетици ретки артефакти, бидејќи гробната одаја повеќе од илјада години била недопрена.

Експертите, според парчињата забен емајл, сметаат дека веројатно тоа е гробница на некој англосаксонски принц од 6 век.

Прво се претпоставуваше дека се работи за погребното место на Саберт, саксонскиот крал на Есекс, но подеталната анализа утврдила дека гробницата била изградена помеѓу 575 и 605 година, односно најмалку 11 години пред неговата смрт.

Затоа, археолозите претпоставуваат дека тоа е гробницата на Сеакса, братот на Саберт.

По 15 години експертска и детална анализа, некои артефакти ќе бидат вратени во Саутенд за првпат да бидат изложени во Централниот музеј.

Во дрвената структура на приземјето од четири квадратни метри археолозите пронашле околу 40 ретки и скапоцени предмети.

Меѓу нив биле лира, односно древна харфа, и дрвена кутија стара 1.400 години, за која се смета дека е единствениот зачуван примерок на насликана англосаксонска столарија во Велика Британија.

Тие исто така откриле златници, позлатен сребрен врат на дрвен сад за пиење, украсни стаклени чаши, златни токи за појас и знаме за кое се верува дека дошло од Сирија.

Секој предмет бил поставен во гробот „како дел од внимателно аранжирана погребна церемонија“.

Археолозите пронашле тенки златни крстови во горниот дел на трупот, кои веројатно биле ставени на очите на принцот за да се обележи дека е христијанин.

Само „екстремно големиот“ ковчег од јасен тежел 160 килограми. Според неговите димензии, експертите утврдиле дека принцот бил висок околу 168 сантиметри.

Мечот, украсен со злато, исто така бил пронајден во гробницата, јасен знак дека се работело за кралски погреб.

Софи Џексон, директорка на Музејот на лондонската археологија (МОЛА), рече дека никој не очекувал дека „неветувачкото наоѓалиште“ од 2003 година ќе биде „верзија на Тутанкамоновата гробница“.

„Наоѓалиштето се наоѓа помеѓу железничка пруга и пат. Не очекувате таму да најдете кралска гробница“, рече таа.

Објавено

Петок, Мај 10, 2019 - 15:22

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе