Демонстрантите и полицијата за немири синоќа се судрија во белорускиот главен град Минск и во другите градови, откако излезната анкета на државната телевизија навести дека долгогодишниот лидер Александар Лукашенко е реизбран на изборите во неделата.
Полицијата користеше шок-бомби, гумени куршуми и водени топови. Една група за човекови права соопшти дека еден демонстрант е убиен, а околу 120 се уапсени.
Лукашенко освои 80% од гласовите, според првичните пребројувања.
Но лидерката на опозицијата вели дека не им верува на официјалните бројки.
„Им верувам на очите и гледам дека мнозинството е кај нас“, им рече Светлана Тихановскаја на новинарите доцна во неделата. Прелиминарните резултати ѝ даваат 9,9% од гласовите.
Тихановскаја се вклучи во изборите на местото на нејзиниот уапсен сопруг и продолжи да води големи опозициски собири.
Лукашенко (65) е на власт од 1994 година.
Демонстрантите излегоа на улиците во центарот на Минск веднаш штом заврши гласањето доцна синоќа.
Многумина извикуваа „Оди си“ и други антивладини пароли. Полицијата за немири при растерувањето на демонстрантите фрлаше шок-бомби, користеше пендреци и апсеше.
Рано утрово Валентин Стефановиќ од белоруската група за човекови права Вјасна за новинската агенција Ројтерс изјави дека најмалку еден човек починал откако бил исфрлен од полициско комби, а десетици се повредени. Тој додаде дека најмалку 120 лица се приведени.
Слични протести се одржаа и во Брест, Кобрин, Жодино и во други градови.