„Немаат избор“

АП: Русија за војната во Украина регрутира авганистански командоси тренирани од САД

Руската армија за војната во Украина регрутира припадници на специјалните единици на авганистанската армија, кои се бореа рамо до рамо со американските војници, а кои побегнаа во Иран по хаотичното повлекување на САД од Авганистан минатата година, рекле тројца бивши авганистански генерали за новинската агенција Асошиејтед прес.

Фото: ЕПА

Тие рекле дека Русите сакаат да намамат илјадници поранешни авганистански командоси во својата „странска легија“, нудејќи им стабилни плати од 1.500 долари месечно и ветувајќи им безбедно засолниште за нив и нивните семејства за да избегнат депортација во Авганистан, што, како што многумина веруваат, за нив би значело смрт.

„Тие не сакаат да се борат, но немаат избор“, рекол еден од генералите, Абдул Раоф Аргандивал, додавајќи дека десетици авганистански командоси што сега се во Иран, со кои тој комуницира преку СМС-пораки, најмногу се плашат од депортација.

„Ми велат: Дај ни решение. Што треба да правиме? Ако се вратиме во Авганистан, талибанците ќе нѐ убијат“.

Аргандивал рекол дека регрутирањето на Авганистанците го вршат членови на руската платеничка група Вагнер. Друг генерал, Хибатула Ализаи, последниот шеф на авганистанската армија пред да ја преземат талибанците, рекол дека во напорите помага и поранешен командант на авганистанските специјални сили, кој живеел во Русија и го зборува јазикот.

Регрутирањето на Русија доаѓа откако американските војници што се бореа со авганистанските специјални сили со месеци предупредуваа дека талибанците имаат намера да ги убијат и дека можеби ќе им се придружат на непријателите на Америка за да останат живи или од гнев кон својот поранешен сојузник.

Во извештајот на републиканските членови на американскиот Конгрес, објавен во август, посебно беше предупредено на опасноста авганистанските командоси да им пренесат информации за американската воена тактика на Иран, Русија или на ИСИС, па дури и да почнат да се борат за нив.

„Не ги извлековме овие лица како што ветивме, а сега тоа ни се враќа по глава“, рекол Мајкл Малрој, пензиониран офицер на ЦИА што служел во Авганистан, додавајќи дека авганистанските командоси се висококвалификувани, жестоки борци. „Искрено, не би сакал да ги видам на ниту едно бојно поле, но сигурно не би сакал да ги видам дека се борат со Украинците“.

Руското Министерство за одбрана не одговорило на барањето коментар. Портпаролот на Јевгениј Пригожин, кој неодамна призна дека е основач на групата Вагнер, ја отфрли идејата за регрутирање поранешни авганистански војници како „луда глупост“.

Министерството за одбрана на САД, исто така, не одговорило на барањето коментар, но висок функционер сугерирал дека регрутирањето не изненадува со оглед на тоа што Вагнер се обидува да ангажира војници во неколку други земји.

Не се знае колку припадници на авганистанските специјални сили што побегнале во Иран биле контактирани од Русите, но еден од нив изјавил за АП дека комуницира преку Вотсап со околу 400 други командоси, кои размислуваат за понудите.

Тој рече дека многумина како него се плашат од депортација и им се лути на САД што ги напуштиле.

Фото: ЕПА

„Мислевме дека може да создадат посебна програма за нас, но никој не ни помисли на нас“, рекол поранешен командос, кој побара анонимност бидејќи се плаши за себе и за своето семејство. „Тие само нѐ оставија сите во рацете на талибанците“.

Командосот рекол дека неговата понуда содржи руски визи за него, како и за неговите три деца и сопруга, кои сѐ уште се во Авганистан. На други им е понудено продолжување на визите во Иран. Тој рече дека чека да види што ќе одлучат другите во групите на Вотсап, но мисли дека многумина ќе го прифатат договорот.

Хјуман рајтс воч соопшти дека повеќе од 100 поранешни авганистански војници, разузнавачи и полицајци биле убиени или насилно „исчезнале“ само три месеци откако талибанците ја презедоа власта, и покрај ветувањата за амнестија. Обединетите нации во извештајот од средината на октомври документираа 160 вонсудски убиства и 178 апсења на поранешни владини и воени функционери.

Братот на еден авганистански командос во Иран, кој ја прифатил руската понуда, рекол дека талибанските закани го отежнуваат нејзиното одбивање. Тој рекол дека неговиот брат морал да се крие три месеци по падот на Кабул, одејќи од куќа во куќа кај роднини додека талибанците го претресувале неговиот дом.

„Мојот брат немаше друг избор освен да ја прифати понудата“, рекол братот на командосот, Мурад. „Ова не беше лесна одлука за него“.

„Добивате два месеци воена обука во Русија, а потоа одите на борбените линии“, гласела една СМС-порака што поранешен авганистански војник во Иран му ја испратил на Аргандивал. „Многуброен персонал замина, но тие целосно загубија контакт со своите семејства и пријатели. Точната статистика е нејасна“.

Се проценува дека од 20.000 до 30.000 авганистански специјални сили се бореле со Американците за време на дводецениската војна, а само неколку стотици високи офицери беа префрлени со хеликоптер кога американската војска се повлече од Авганистан. Бидејќи многумина од авганистанските командоси не работеле директно за американската војска, тие не биле подобни за специјални американски визи.

„Тие беа оние што се бореа навистина до последен момент. И тие никогаш, никогаш, никогаш не разговараа со талибанците. Тие никогаш не преговараа“, рекол Ализаи. „Нивното напуштање е најголемата грешка“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе