АП: Невообичаена вечера на брачните двојки Трамп и Макрон (ФОТО+ВИДЕО)

Претседателите на САД и Франција, Доналд Трамп и Емануел Макрон, и нивните сопруги Меланија и Брижит се качија на хеликоптер и одлетаа за Маунт Вернон.

Како што пишува Асошиејтед прес, настојувајќи да воспостават врска пред државничките разговори, претседателите на САД и на Франција, Трамп и Макрон, за почеток на посетата на Макрон на САД избраа „сè само не обичен“ состанок во четири очи со сопругите, во куќата на првиот американски претседател Џорџ Вашингтон.

Приватната вечера во куќата на првиот американски претседател и командант на Револуционерната војна, чиј сојуз со Франција беше клучен за победата над Британците, се одржува еден ден пред Трамп и Макрон да „седнат да разговараат“ за низа теми, кои ја вклучуваат безбедноста, трговијата и иранскиот нуклеарен договор.

Макрон во понеделникот стигна во државна посета на Вашингтон, а се очекува дека во фокусот на неговите разговори со Трамп ќе бидат разидувањата на САД и ЕУ за нуклеарниот договор со Иран, ситуацијата во Сирија и за трговијата.

„Оваа посета е мошне важна во нашиот сегашен контекст, со толку многу неизвесности, проблеми и, понекогаш, закани“, рече Макрон по доаѓањето во Вашингтон, каде што ќе престојува во тридневна посета.

Ројтерс наведува дека Макрон е во некој вид спасувачка мисија на иранскиот нуклеарен договор, за кој Трамп кажа дека ќе го поништи, освен ако европските сојузници до средината на мај не ги исправат, како што рече, неговите „ужасни маани“.

Станува збор за прва државна посета на која Трамп е домаќин откако дојде на власт во јануари 2017 година.

Денеска Трамп и Макрон ќе ги имаат главните работни активности за време на состаноците во Белата куќа, предвидена е и заедничка конференција за новинарите, а на крајот на денот – прва официјална вечера со шеф на странска држава во Белата куќа што ја приредува Трамп откако е избран за претседател.

Меланија Трамп реши за оваа пригода да послужи јагнешко со џамбалаја од каролински ориз, приготвено на њуорлеански начин. За десерт е планиран колач од нектарин и сладолед, додека, како „отелотворение на историското пријателство“ на Франција и САД ќе се служат американски вина.

В среда Макрон ќе се обрати на заедничката седница на Конгресот на САД, и тоа токму на денот кога пред точно 58 години шефот на француската држава, генералот Шарл де Гол, му се обрати на американскиот Конгрес.

Британската агенција наведува дека „малку веројатното“ пријателство меѓу Макрон и Трамп почна пред една година во Белгија со „повеќе од цврсто“ ракување. Додека другите европски лидери останаа на извесна дистанца со Трамп, Макрон прилично се трудеше да остане близок со американскиот претседател и често разговараше со него по телефон, забележува Ројтерс.

Макрон, инаку, се обидува да го спаси нуклеарниот договор што САД и уште пет светски сили го постигнаа во 2015 година со Иран, а за кој Трамп најави дека ќе го раскине доколку европските сојузници не го потврдат до средината на мај.

Францускиот претседател во интервјуто за Фокс њуз објавено вчера кажа дека би било подобро да се заштити договорот со Иран, а не да се отфрли, предупредувајќи дека не постои „план Б“ како алтернатива.

Покрај тоа, Макрон сака да го убеди Трамп да ги изземе европските земји од давачките на челик, кои се дел од планот на претседателот на САД за намалување на хроничните трговски дефицити со земјите низ целиот свет, пред сè со Кина.

Се очекува дека двајцата лидери ќе разговараат и за Сирија, помалку од две недели откако САД, Франција и Британија изведоа воздушни напади во таа земја во знак на одмазда за наводниот напад со хемиско оружје во сирискиот град Дума.

Макрон минатата недела изјави дека верува дека го убедил Трамп американските војници да ги задржи во Сирија, но Трамп упорно најавува дека ќе ги врати дома, иако јавно не изнесе одреден временски рок за тоа.

Неизвесно е дали ќе се постигне значаен напредок за ова и за други прашања, напоменува Ројтерс.

„Дали навистина ќе решиме некои од овие прашања, или ќе се приближиме кон решение или пак кон детален договор, тешко е да се каже“, изјави во петокот висок функционер на американската администрација.

Инаку, Макрон му донесе подарок на Трамп– садница на даб како симбол на долготрајното пријателство на двете земји.

Природната и суровата храна се заменува со фабрички подготвени оброци и со обработена храна.

повеќе

Гувернерот, кој и да е, не е ничиј должник. Ниту на предлагачот, ниту на тие што ќе го изгласаат.

повеќе

Родовото прашање е клучен двигател за резултатите на здравството.

повеќе