Откако Курдите постигнаа договор со Дамаск

Американските војници се повлекуваат пред турската офанзива, го напуштија Кобане

САД синоќа соопштија дека планираат да повлечат уште 1.000 војници од северна Сирија откако дознале дека Турција планира да ја прошири воената офанзива против курдските сили повеќе на југ отколку што првично планирале.

Американскиот секретар за одбрана Марк Еспер кажа дека одлуката за повлекувањето е донесена и поради сознанието дека Сириските демократски сили (СДФ), предводени од Курдите, со помош на Русите постигнаа договор со владата во Дамаск за да ѝ се спротивстават на турската офанзива.

„Во последните 24 часа дознавме дека Турците веројатно планираат да го продлабочат нападот на југ повеќе отколку што беше првично планирано, и на запад“, кажа Еспер. „Во последните 24 часа дознавме и дека СДФ постигнале договор со Сиријците и со Русите за да им се спротивстават на Турците на северот на земјата“.

Еспер ситуацијата ја нарече „неодржлива“ за американските сили, кажувајќи дека во саботата вечерта разговарал со Трамп и дека претседателот наредил американските трупи да почнат повлекување од северот на Сирија.

Трамп вчера ја бранеше својата одлука да ги повлече војниците од граничниот регион на Сирија, кажувајќи дека приоритет на Соединетите Држави треба да биде заштитата на своите граници.

„Многу е паметно што, за промена, не учествуваме во жестоките судири вдолж турската граница“, објави Трамп синоќа на Твитер.

„Оние кои по грешка нѐ воведоа во блискоисточните војни и понатаму бараат борба. Немаат поим колку лоша одлука донесоа. Затоа не бараат прогласување војна“, додаде Трамп.

Еспер кажа дека САД знаеле однапред за намерите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да влезе во Сирија. „Нѐ информираше за тоа. Не побара дозвола“, кажа Еспер и додаде дека САД едноставно немале доволно војници да го сопрат напредувањето на Турците и дека морале да им се тргнат од патот.

„Нема шанси да можевме да сопреме 15.000 Турци да напредуваат кон југот“, кажа тој.

Претставувајќи ги целите на офанзивата, Ердоган вчера кажа дека офанзивата ќе се движи од Кобане на западот до Хасака на истокот, околу 30 километри во сириската територија „во согласност со мапата на безбедносната зона која претходно беше претставена“. Ердоган на прес конференција во Истанбул кажа дека граничниот град Рас ал Аин веќе е под турска контрола.

Анкара соопшти дека турските сили и нивните сириски сојузници зазеле автопат на околу 30-35 километри во сириската територија, со што пресекле една од главните артерии кој ги поврзува курдските региони на северот на Сирија.

Американските трупи наводно целосно се повлекле од позициите во градот Кобане во северна Сирија пред офанзивата на турската војска.

Повлекувањето почнало синоќа во 3 часот наутро по локално време, јави турската агенција Анадолија, повикувајќи се на безбедносни извори. Пентагон сѐ уште го нема потврдено повлекувањето.

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе