Односите меѓу Кина и Соединетите Држави се затегнати во последните месеци, при што двете најголеми светски економии се судрија за различни прашања, од Тајван и човековите права во Кина, до воените активности на земјата во Јужното Кинеско Море.
Во своето обраќање до азиската безбедносна конференција „Дијалог Шангри-Ла“, Остин рече дека САД ќе продолжат да бидат на страната на сојузниците, вклучително и на Тајван.
„Ова е особено важно имајќи предвид дека Народна Република Кина покажува сè повеќе присила и агресија во своите територијални претензии“, додаде тој. Кина тврди дека Тајван е нејзин и вети дека ќе го земе доколку е потребно и на сила.
На состанокот меѓу Остин и кинескиот министер за одбрана Веи Фенгхеи, двете страни ја повторија желбата за подобро управување со односите, иако нема никаков знак дека ги решиле меѓусебните несогласувања.
Портпаролот на кинеското Министерство за одбрана рече дека Веи на состанокот со Остин рекол: „Ако некој се осмели да го одвои Тајван од Кина, кинеската војска нема да се двоуми ниту за момент да започне војна, без оглед на цената“.
Според кинеското Министерство за одбрана, Пекинг, кој го смета Тајван за составен дел од својата територија, „ќе го пресече на илјада парчиња“ секој обид за независност. Остин му рекол на Веи дека треба да се воздржи од каква било нова дестабилизирачка акција во регионот, соопшти Пентагон.
Министерството за надворешни работи на Тајван им се заблагодари на САД за поддршката и ги осуди апсурдните барања на Кина. Остин денеска на безбедносниот форум рече дека САД сè уште, кога станува збор за Тајван, остануваат против какви било еднострани промени во статус квото.
„Нашата политика не е променета. Но, за жал, се чини дека тоа не важи и за Кина“, рече Остин.