Американскиот Конгрес спречи финансиска блокада на владата

Американскиот Конгрес го одобри нацрт-законот за финансирање на владата со што е избегната потенцијална блокада на сојузните служби, пренесуваат агенциите.

Фото: ЕПА

Откако републиканските и демократските лидери постигнаа договор пред истекот на крајниот рок во петок, Сенатот со 69 гласа „за“ и 28 „против“ овозможи финансирање на владата на сегашното ниво до 18 февруари. Сенатот гласаше само неколку часа откако мерката беше одобрена од Претставничкиот дом на Конгресот гласајќи со 221 против 212, со поддршка од само еден републиканец.

Неколку републикански сенатори рекоа дека нема да се согласат со нацрт-законот доколку не се гласа и за амандман за прекин на финансирањето на администрацијата на Бајден поради заложбата да се воведе задолжителна вакцинација или тестирање на некои работници на ковид-19.

„Задолжителните вакцини ќе предизвикаат губење на работните места во Канзас за стотици илјади луѓе“, рече сенаторот Роџер Маршал. „Овде не станува збор само за блокада на владата, туку и за блокада на економијата“, рече Маршал.

„Мило ми е што на крајот преовладаа ладни глави: владата останува отворена“, рече лидерот на мнозинството во Сенатот, демократот Чарлс Е. Шумер.

Во случај да не беше постигнат договор, тоа би значело дека околу милион вработени со полно работно време и хонорарци кои работат за федералната влада ќе престанат да ја вршат работата бидејќи нема да се знае од каде ќе бидат платени.

Конгресот сега е пред уште еден краен рок. Сојузната влада се приближува до границата на долгот од 28,9 трилиони долари.

Министерството за финансии проценува дека лимитот би можел да се достигне до 15 декември, а во случај да не се успее да се продолжи или укине, тоа би резултирало со катастрофа бидејќи владата нема да може да ги исполни обврските за отплата на долгот.

Од 1980 година, американската федерална влада била „затворена“ 21 пат поради недостиг на договор за буџет.

Последен пат била затворена во 2018 година, бидејќи Конгресот не можел да усвои буџет поради спорот со тогашниот претседател Доналд Трамп околу финансирањето на ѕидот на границата со Мексико.

Кога се затвора федералната влада, вработените кои не се неопходни за работа на агенцијата заминуваат на принуден одмор. Во тој случај, меѓу другите, престануваат да работат и лекари, медицински сестри, војници, полицајци, како и припадници на Агенцијата за безбедност во сообраќајот.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе

Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат што е можно поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес кој би бил следен од ЕУ, Вашингтон и ОН.

повеќе