Американскиот амбасадор на Косово: Укинете ги царините на српската стока

Американскиот амбасадор на Косово Филип Коснет изјави денес за приштинските медиуми дека Косово би требало да ги суспендира царинските мерки на стоката од Србија, како прв чекор на враќање на дијалогот, што е клучниот услов на официјален Белград за продолжување на преговорите за нормализација на односите.

„Веруваме дека двете влади, и во Приштина и во Белград, треба да преземат чекори и да му пристапат на дијалогот на креативен начин, да преземат чекори кои нема да бидат популарни ни за една земја“, сугерираше Коснет.

Тој истовремено нагласи дека ставот на американската влада е дека нема да се противи на корекција на границите, што не значи дека „преферираат таков договор“, пренесува приштинска Епока.

„Она што сакам да го кажа е дека американската влада смета дека двете страни имаат слобода самостојно да одлучат за што сакаат да разговараат“, истакна американскиот дипломат.

„Кога владата на САД минатата година кажа дека нема да се противи на корекција на границите, не кажавме дека таков договор претпочитаме, туку само кажавме дека преговарачите се слободни да разговараат за што сакаат“, дообјасни Коснет.

Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени „со 99 отсто сигурност“ дека во Париз на почетокот на јули нема да се одржи средбата на лидерите на Србија и Косово кои Германија и Франција се обидуваат да ги вратат на преговарачка маса и да го обноват дијалогот кој со месеци е блокиран.

„Со 99-отстотна сигурност можам да кажам дека средба во Париз нема да има бидејќи мислам дека Албанците не се спремни да разговараат за ништо важно“, кажа Вучиќ вчера за Пинк, медиум близок до српскиот државен врв.

Вучиќ оцени дека Албанците сакаат на овој начин да им кажат на Французите и Германците дека не треба тие да го решаваат прашањето на Косово, туку дека проблемот треба да го решава Америка.

„Ние сакаме дијалог, компромисно решение, но не сакаме да влегуваме во разговори во кои некој ќе ни каже дека крајниот резултат е дека мора да напишеме признавање на Косово и дека за условите нема ни да разговараме“, кажа Вучиќ.

Тој заклучи дека „Париз ќе се случи само ако Албанците кажат дека ќе се однесуваат подоговорно“.

„А јас ви велам дека тоа нема да се случи“, истакна Вучиќ.

Клучниот предуслов на Белград за продолжување на дијалогот за нормализација на односите со Приштина е укинување на царините кои косовските власти еднострано ги воведоа на крајот на минатата година на стоката од Србија и БиХ и почитување на Бриселскиот договор од април 2013 кој Белград и Приштина го потпишаа со посредство на ЕУ.

Од другата страна, Приштина инсистира дека во понатамошното посредување клучен учесник треба да бидат Соединетите Држави, додека од Европа очекуваат укинување на визите и напредок во евроинтеграциите.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе