петок, 26 април 2024

Општина Центар со видео надзор ќе ги штити општинските јавни добра

  • Советот на Општина Центар на 35. Седница го прифати предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски во Општина Центар да се постави видео надзор, соппштија денеска од Општината.

Објавено на

часот

Сподели

Како што појаснуваат оттаму, станува збор за видео надзор поради обезбедување заштита на имотoт и имотните права на општината односно заштита на урбаната опрема (автобуски постојки, опрема во функција на туристички и културни и спортски настани, самостоечки рекламни паноа, детски игралишта, фонтани, чешми, клупи, корпи за отпадоци и други согласно законите), заштита на инфраструктурните објекти (улици, плоштади и други инфраструктурни објекти во надлежност на Општината), заштита на сообраќајни знаци и семафори и друга вертикална и хоризонтална сигнализација, заштита на улична јавна осветлување, броење и евиденција на возила за статистички мерења.

Герасимовски во образложението за дополнувањето на дневниот ред истакнал дека одлуката е преземена и модифицирана од други општини во кои веќе неколку години има поставен видео надзор и каде по поставувањето има намалување на штетите во општината.

„Се обидовме да ја заштитиме урбаната опрема особено детските игралишта, но по сите напори не успеваме да го направиме тоа. Тие не ни траат ниту два месеци, се кршат детските реквизити, обрачите на спортските игралишта, се крши се. Затоа овие снимки може да служат како доказ за нечие дивеење. Но Министерството за внатрешни работи или Јавното обвинителство, исто така ќе може да ги користат при евентуално сторено кривично дело, нарушување на јавен ред и мир, или кршење на друга урбана опрема. Верувам дека снимките ќе ја зголемат и безбедноста во општината. Суштината е снимката да се користи како доказ за евентуална судска кривична или прекршочна постапка со цел да имаме намалување на девијантните појави во општината“, рекол Герасимовски на седницата.

Општина Центар ги известува граѓаните дека снимките од надзорот ќе може да се користат единствено само по налог на Јавно обвинителство и МВР и дека не постои никаква можност истите да бидат било како злоупотребени.

Целиот процес ќе биде направен со целосно почитување на Законот за заштита на лични податоци, а актите ќе бидат прецизирани со целосно вклучување на Агенцијата за заштита на лични податоци. Видео надзорот ќе биде поставен на видно место и за истиот ќе биде истакнато известување дека се врши видео надзор од страна на Општината и ЈП ПОЦ.

Општина Центар, се нагласува во денешното соопштение, има за цел да го заштити јавното добро кое треба долгорочно да им служи на сите граѓани во општината, но и да го намали хулиганското однесување, уништувањето на урбаната опрема и детските игралишта. За реализирање на овој проект општината треба да направи ревизија на буџетот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ