Соборувањето на рускиот Су-24 од страна на турските воздухопловни сили тешко дека ќе биде последниот акт на провокација од страна на Анкара, па НАТО треба да ја исфрли Турција од Алијансата, рече Валели.
Тој верува дека нападот врз рускиот авион немал никаква врска со заштитата на националните граници. Тоа било со цел да ѝ се покаже на Русија дека Турција е доминантна сила во регионот и дека нема да попушти. Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, подолго време е вклучен во конфликтот во оваа област и овој инцидент не е прв од ваков вид: пред неколку години Турција собори и еден сириски авион.
Според Валели, инцидентот со Су-24 бил јасна провокација. А бидејќи Турција сака да ја контролира ситуацијата во регионот и смета дека има право да биде регионален лидер, таа и во иднина ќе продолжи да врши провокативни акции.
НАТО треба да го смета овој инцидент за алармантен, истакнува пензионираниот генерал-мајор. Турција еднострано донела одлука да се урне руски авион и покажа дека нема да го усогласува своето дејствување со Алијансата. Ова долго време е политиката на Анкара.
„Тие сакаат да создадат своја сопствена Отоманска Империја и, секако, Ердоган повеќе се стреми кон една контролирана Исламска држава. Значи тие имаат погрешна агенда таму во Турција и тоа е она кон што се стремат“, истакна Валели.
Земјите-членки на НАТО треба да го кренат притисокот и да ја исфрлат Турција од сојузот, бидејќи Анкара не „соработува против ИСИС, воопшто не соработува со некои од силите во внатрешноста на Сирија, тие сакаат Асад да биде отстранет или заменет со друга влада“, рече Валели.
Турција само го користи НАТО кога ѝ треба нешто и се обидува да извлече корист од членството најмногу што може. Земјата добива оперативни водичи, техники, ново оружје и опрема, нови тактики и стратегии. Сепак, Ердоган продолжува да ги следи само сопствените интереси, тврди тој.
Овој инцидент не е добар знак за Европа, ниту за Блискиот Исток, ниту за НАТО, заклучи Валели.