Американска конгресменка: Одете во Израел да ја видите суровоста на окупацијата

Членките на Конгресот од Демократската партија, Илхан Омар и Рашида Тлаиб, остро го критикуваа Израел бидејќи им забрани да влезат во земјата и ги повикаа колегите конгресмени да одат во посета наместо нив.

Омар, конгресменка од Минесота, оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп и премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху ја потиснуваат можноста конгресмените да ја извршуваат својата работа.

„Јас би ги охрабрила моите колеги да одат во посета, да се состанат со луѓето со кои требаше ние да се сретнеме, да ги видат работите што требаше ние да ги видиме, да ги слушнат нивните приказни што ние требаше да ги слушнеме“, рече Омар на синоќешната прес-конференција.

Таа верува дека на Трамп и на Нетанјаху не треба да им се дозволи да успеат „во криењето на суровата реалност на окупацијата“.

Трамп го повика Израел да го забрани влезот на првите муслиманки избрани во Конгресот поради нивната поддршка на меѓународното движење на бојкот, престанок на инвестиции и санкции против Израел.

Тој на Твитер објави дека дозвола за посета ќе биде одраз на слабост.

Тлаиб и Омар, кои планираа да го посетат Ерусалим и окупираниот Западен Брег, остро го критикуваат односот на Израел кон Палестинците.

Рашида Тлаиб, Палестинка родена во САД, од Мичиген исто така планирала да ја посети својата стара баба на Западниот Брег.

Израелските власти подоцна попуштиле и рекле дека сепак може да ја посети баба си.

Меѓутоа Тлаиб изјави дека баба ѝ во телефонски разговор ја повикала да не доаѓа под понижувачки услови.

На двете конгресменки во понеделникот им се придружија жители на Минесота, кои кажале дека и тие доживеале ограничувања во патувањата.

Меѓу нив била и една Палестинка, исто така родена во САД, која рекла дека никогаш не можела да ја посети татковината на своите родители.

Израел го контролира влезот и излезот од Западниот Брег, кој го освои во Шестдневната војна во 1967 година заедно со Ерусалим. Истата година е освоен и појасот Газа.

Портпаролот на Белата куќа, Хоган Гидли, продолжи да ги критикува двете членки на Конгресот, велејќи дека имаат „добро документирана историја на антисемитски изјави, антисемитски социјални постови и антисемитски односи“.

„Израел има право да ги спречи луѓето што сакаат да го уништат да влезат во земјата“, рече тој.

Поддржувачите на споменатото движење за бојкот велат дека станува збор за ненасилен протест против израелската воена власт над Палестинците, но Израел тврди дека се работи за обид да се делегитимизира државата и да се избриши од мапата на светот.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе