„Ова не е ваша земја“

Американците се судрија со Сиријците, Русите тврдат дека спречиле ескалација (ВИДЕО)

Во размена на оган меѓу американските трупи и сириските прорежимски милиции вчера на североистокот на Сирија беше убиен еден Сириец, а руската војска тврди дека нејзината интервенција спречила „понатамошна ескалација на судирот“.

Американскиот конвој возвратил оган откако паравоените сили лојални на сирискиот режим на контролен пункт пукале во нив од лесно оружје.

Во одреден момент на контролниот пункт дошол и руски воен конвој во очигледен обид да посредува меѓу спротивставените страни.

Портпаролот на Пентагон соопшти дека војниците на меѓународната коалиција предводена од САД вршеле патрола вчера во близина на мнозински курдскиот град Чамишли кога налетале на контролен пункт под контрола на прорежимските сили.

„Откако коалициските сили дале низа предупредувања и обиди за деескалација, на партолата непознати поединци отвориле оган од лесно оружје. Силите на коалицијата во самоодбрана возвратиле на огнот“, изјави портпаролот на коалициските сили полковникот Мајлс Кагинс, пренесува Гардијан.

Сириските државни медиуми јавија дека еден Сириец, за кој руската војска соопшти дека е 14-годишен цивил, бил убиен, а дека уште еден е ранет.

Руската војска тврди дека до инцидентот дошло кога американскот конвој „скршнал од својата рута“, пренесува Москоу тајмс.

Снимката која ја објави сириската државна агенција САНА прикажува борци како пукаат во конвој од неколку оклопни возила со истакнати американски знамиња. Некои локални жители фрлале камења врз конвојот, а била фрлена и канта со земја.

На една снимка локален жител му приоѓа на американско оклопно возило, го трга знамето од него и ги прашува вооружените американски војници: „Каква работа имате вие тука? Ова не е ваша земја“.

На една фотографија се гледа дека во еден момент, едно до друго, стоеле возила со американско и руско знаме, а тука е и сириското знаме.

„Совршена слика од Чамишли јасно го прикажува хаосот во Сирија“, коментира турскиот репортер на порталот Мидл ист ај Реџип Сојлу на Твитер со постираната фотографија.

Поранешниот американски претставник за глобалната коалиција против ИСИС Брет Мекгурк ја опиша на Твитер оваа фотографија како логична последица на наредбата на американскиот престедател Доналд Трамп за повлекување на силите од Сирија, по што се предомисли и издаде наредба американските сили сепак да останат на истокот на земјата за да ја „чуваат нафтата“.

„Имаме американски војници со лошо дефинирана мисија во Сирија („заштита на нафтата“) откако напуштија три четвртини од некогаш стабилната територија на наредба на Трамп, кои сега мора да се движат по патишта кои ги контролираат руски и сириски режимски сили. Премногу се бара од нашите храбри војници“, напиша Мекгурк, кој поднесе оставка на својата позиција откако Трамп првично го нареди повлекувањето од Сирија, на крајот на 2018 и пред да се предомисли.

Ова е еден од ретките судири меѓу американските и сириските сили во деветгодишната војна, иако американските трупи се присутни од 2014. Американците во оваа војна беа фокусирани првично на уривањето на претседателот Башар ал Асад, па на борбата против Исламска држава, заедно со своите сојузници од главно курдските Сириски демократски сили, додека со Сирија и Русија имаат своевиден пакт за ненапаѓање.

Сепак, тој беше во неколку наврати прекршен: САД двапати, во 2017 и 2018, изврши воздушни и ракетни напади врз сириски воени бази откако сириската војска наводно изврши хемиски напади врз цивили во региони под контрола на бунтовниците. Руски платеници, пак, кои се борат во Сирија на страната на режимот во Дамаск, наводно нападнале во 2018 база со американските сили и нивните сојузници на југоистокот на земјата. Американците во контранапад, како што самите тврдат, убиле 200-300 руски платеници.

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе