Претседателот Џо Бајден кој е на самитот на Г7 во Германија, неодамна најави дека САД ќе обезбедат „понапреден ракетен систем и муниција“ за Украина, додека војната со Русија се интензивира. Исто така, на Бајден и на другите лидери на земјите од Г7 денеска треба да им се обрати украинскиот претседател преку видео повик.
Kако одговор на барањата на украинските сили, оваа недела треба да биде најавено испраќање на уште една воена помош, дополнителна муниција за артилериски и радарски системи за одбрана од проектили.
Украинските служби побараа систем за противракетна одбрана, познат како ХИМАРС, кој може да погоди цели на оддалеченост поголема од 160 километри. Извори на Си-ен-ен пренесуваат дека украинските сили ќе мора да поминат обука за користење на таков систем.
Соединетите Американски Држави сега редовно најавуваат дополнителна безбедносна помош за Украина, минатата недела администрацијата на Бајден најави дополнителна воена помош од 450 милиони долари, вклучувајќи четири ракетни системи ХИМАРС, муниција за артилерија и друго оружје.
САД предвидуваат долги и исцрпувачки битки во источниот дел на Украина, со големи загуби во опрема и човечки животи на двете страни. Тие веруваат дека руските сили планираат да продолжат со интензивните напади на исток користејќи артилерија и проектили, со цел да ги исцрпат украинските сили и воената помош на НАТО.
Украинците брзо трошат муниција од советската ера наменета за постари системи, а западните влади се пред тешка одлука дали да ја зголемат воената помош, на што Бајден веќе се обврза, наведе Си-ен-ен.