Членка на НАТО

Албанија си ги објави тајните податоци на интернет: имињата, платите, личните карти на шпионите...

„Со влегувањето во системот на Албанија тие можат да влезат во системот на НАТО.“

Властите на Албанија, членка на НАТО, направија досега во светот невиден потег - на интернет објавија деликатни информации за своите најважни разузнавачки оперативци.

Информациите содржат детали за нивниот идентитет, возила, оперативни улоги, патувања и дневни навики, открива британски Индипендент.

Ова може да е огромно и потенцијално многу опасно прекршување на правилата, кое би можело да има меѓународни последици.

На веб-страницата на Министерството за финансии се објавени дури и податоци за платите и заработувачката, а има и многу податоци за државната разузнавачка служба, вклучувајќи и информации за локацијата на теренските канцеларии, подигањето готовина, како и технички ситнурии како водоводџиите, техничарите и механичарите што оперативците ги користат.

На листата се и имињата и броевите на личните карти на агентите во службата, која локално и во разузнавачката заедница е позната под кратенката ШИШ, кои работат во Албанија и во странство, вклучувајќи и двајца на деликатни позиции во седиштето на НАТО во Брисел.

Објавени се и имињата, позициите, платите и трошоците на најмалку осум високи тајни албански оперативци, од кои некои работат под дипломатско покритие во Белгија, Грција, Косово, Италија, Македонија и Србија.

Индипендент не ги открива имиња или други идентификациски детали за да се спречи одмаздата кон нискорангираните информатори или други лица што може да бидат поврзани со оперативците на агенцијата. Кога им било кажано за прекршокот за време на состанок во кафуле пред силно обезбедениот комплекс во Тирана, претставниците на ШИШ ја признале деликатната природа на информациите.

„Принципот е дека сè што прави нашата агенција треба да биде тајно, но ние треба да ги следиме сите овие правила и прописи“, рече еден функционер на ШИШ. „Правилата и прописите не ни дозволуваат да ги трошиме парите без да го пријавиме тоа.“

Разузнавачките и безбедносните професионалци на кои им било кажано за прекршокот биле шокирани од откритијата, поради кои агентите на деликатните позиции може да бидат ранливи на надзор или уцена од непријателски разузнавачки организации или криминалци што сакаат да се инфилтрираат во западната алијанса.

„Со влегувањето во албанскиот систем тие можат да влезат во системот на НАТО“, рече Џемал Ѓункси, опозициски член на албанскиот парламент, кој служи во Комисијата за национална безбедност и беше поранешен генерал-мајор во армијата.

„Ќе почнете да влечете конец и ќе завршите во Брисел или во Лондон или во канцеларијата на висок сојузнички командант во Соединетите Американски Држави“.

Еден поранешен оперативен директор на ЦИА што ја познава ШИШ го опиша ова како бирократска катастрофа што може да доведе животи во опасност.

„Вашиот администратор може да ве зезне ако не обрне внимание“, изјави тој за Индипендент, под услов да остане анонимен, бидејќи сè уште работи на чувствителни безбедносни прашања.

„Може да го ставите буџетот на интернет. Но да ставате имиња и други детали на агенти - тоа е лудило.“

Портпаролот на НАТО во Брисел во имејл одговорил дека не коментира разузнавачки прашања.

ШИШ е наследник на Сигурими, озлогласената домашна шпионска служба од комунистичката ера, која беше инфилтрирана во секој аспект од личниот живот на Албанците за време на четири и полдецениската сталинистичка диктатура.

Документите откриваат извонредни индиции за операциите на тајната агенција. Индипендент не можел да потврди дали имињата на оперативците во Албанија се шпионски прекари или родени имиња. Меѓутоа, имињата на меѓународните оперативци се совпаѓаат со идентитетите на албански дипломати вработени во амбасадите низ цела Европа.

За една регионална шпионка во главниот пристаништен град Драч, чие име и број на лична карта се гледаат во евиденцијата, е наведено дека годинава повлекла сума албански пари еквивалентна на 18.000 фунти, во најмалку 10 трансакции, за „специјални плаќања“, што е можна референца на мрежи од информатори.

За друг агент во Ѓирокастро, на југот на Албанија, е забележано дека во ноември повлекол чек на околу 1.500 фунти, за она што на јавната веб-страница на албанското министерство за финансии е опишано како „таен фонд“.

Една група исплати од 2017 година, класифицирани како тајни, се однесуваат на системот за комуникации на НАТО наречен Тумба, кој може да се однесува на неколку планински врвови на Балканот.

Во еден момент, сметките за вода во албанската област Химара, каде што живеат многу членови на грчкото малцинство во земјата, одеднаш се намалиле за 95 отсто, што укажува на менување на приоритетите за надзор.

Документите, исто така, откриваат потенцијално непријатни детали во врска со активностите на ШИШ во домашното шпионирање, вклучувајќи и исплати за изнајмување канцеларии на меѓународниот аеродром во Тирана и ТВШ, државниот радиодифузер. Некои од плаќањата извршени кон државната радиотелевизија содржат описи како „инсталирање технички уреди“ и „уред во државната телевизија (канцеларии)“.

Официјалните лица ветија дека ќе ги отстранат податоците откако Индипендент ги информирал премиерот на земјата, разузнавачките служби и министерствата за надворешни и внатрешни работи, за одбрана и за финансии дека се подготвува да го објави овој напис. Во месеците кога информациите биле на интернет, веројатно оваа НАТО-членка била ранлива на инфилтрација од руски оперативци или други разузнавачки агенции, вели Индипендент.

Земјата веќе стана нешто слично на бојно поле, додека доминантните прозападни политички лидери ја одбиваат агендата на Кремљ за ослабување на нејзините врски со НАТО и ЕУ.

Во март Албанија протера двајца руски дипломати, обвинувајќи ги за неовластени разузнавачки операции. „Нивната работа не соодветствуваше на нивниот дипломатски статус“, рече тогашниот министер за надворешни работи, Дитмир Бушати.

Изгледа дека Албанија постојано страда од недостиг од информациска безбедност кога станува збор за нејзините разузнавачки служби. Минатата година претседателството објави на интернет нередактирана копија од националната легитимација на директорот на Шиш, г. Бендо, која ги содржеше неговата домашна адреса и матичниот број, како дел од иницијативата за транспарентност.

Годинава на една државна агенција наводно ѝ беше испратена листа од околу 250 имиња на оперативци што служат во воената разузнавачка единица во земјата.

Документите на ШИШ објавени на интернет датираат од 2014 година, кога Албанија се трудеше да ѝ покаже на ЕУ дека ја прекинала својата историја на јавна корупција и дека се обидува да биде потранспарентна и одговорна како чекор кон членството во трговскиот и валутен блок.

Албанските закони забрануваат протекување на тајни државни информации, со казни до 10 години затвор за службениците што разоткриваат разузнавачки информации и пет години за обичните граѓани.

Кога им било кажано за протечените информации, функционерите од канцеларијата на премиерот и од министерствата за финансии, за внатрешни и за надворешни работи се фатиле за работа да ги отстранат податоците, но и да ја префрлат вината за инцидентот.

„Благајната на својот онлајн-систем ги регистрира сите сметки и редоследот на плаќањата што се извршуваат секој ден“, изјавил еден официјален претставник под услов да остане анонимен.

„Сите детали што се дадени таму се затоа што самата институција ги запишала во редоследот на плаќање. Не требале да објават толку чувствителни информации од сметките“.

Еден долгогодишен поранешен офицер на албанската разузнавачка служба рекол за Индипендент дека одговорноста лежи исклучиво кај самиот ШИШ, затоа што им дал чувствителни информации на службеници во Министерството за финансии што немале безбедносни дозволи.

„Тоа е некомпетентност на раководството“, рекол поранешниот официјален претставник.

„Понекогаш луѓето се ангажираат не поради добрите резултати или квалификации, туку поради влијанието на политичарите. Понекогаш луѓето што доаѓаат во безбедносните институции не се добро проверени. Проблемот почнува на врвот“.

Напредокот и оптимизмот што ги обележаа децениите по 2. Светска војна се гледаа во создавањето на средната класа, составена од луѓе што, иако родени во куќи со земјени подови, завршија со факултетски дипломи и добри работни места во големите градови. Поседуваа автомобили и викендички, летуваа на море и патуваа во странство без визи.

повеќе

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе