„Овој вирус се шири како луд“

Ако вирусот навистина се пренесува низ воздух, можеби со него се бориме на погрешен начин

Преносот низ воздухот би значел дека постојат одредени решенија на кои навистина мора да се фокусираме.

Минатата недела во јавната расправа за ковид-19 вриеше темата за преносот низ воздух. Над 200 научници од целиот свет се потпишаа на писмо до Светската здравствена организација, во кое ја повикуваат сериозно да ги сфати сè поцврстите докази дека коронавирусот може да се пренесува преку воздухот. СЗО не го редефинира веднаш САРС-КоВ-2 (вирусот што предизвикува ковид-19) како воздушно пренослив, но призна дека се „итно потребни повеќе истражувања за да се испитаат ваквите случаи и да се процени нивното значење за пренесувањето на ковид-19“.

„Искрено, не знам што чекаат луѓето“, вели микробиологот Чад Рој од универзитетот Тулан во САД за МИТ технолоџи ривју. „Не треба СЗО да излезе да прогласи дека вирусот е воздушно пренослив за ние да почнеме да сметаме дека ова е болест што се пренесува низ воздухот. Не знам колку појасно треба да биде во смисла на научни докази“.

 

Што значи „воздушно пренослив“? Што е „аеросол“?

Што навистина значи „воздушно пренослив“ во овој контекст? Во суштина, во прашање е големината. Прилично сме сигурни дека САРС-КоВ-2 се шири преку ситни капки што содржат вирусни честички способни да предизвикаат инфекција. Сепак, за да може вирусот да биде воздушно пренослив, потребни се неколку различни работи, во зависност од тоа со кој експерт зборувате. Обично тоа значи дека може да се шири преку вдишување на долги растојанија, можеби дури и низ различни простории, на малите честички познати како аеросоли.

„Затоа, кога ќе прашате некого од професионалците дали вирусот е воздушно пренослив, тие ќе речат дека не е така, затоа што не гледаме пренесување на толкави растојанија“, вели Лиза Бросо, пензионирана професорка по јавно здравство, која сè уште им е советник на некои фирми и организации.

Исто така, се води расправа и за тоа што подразбираме под „аеросол“. Капките што ги носат вирусните честички низ воздухот може да дојдат во секакви големини, но додека поголемите брзо паѓаат на земја или на други површини, помалите (од само неколку микрони) може некое време да лебдат во воздухот, што ја отвора можноста да бидат вдишени. Зборот најчесто се користи за да се опишат овие помали честички, иако Бросо го претпочита терминот „аеросолен пренос“ за да се опфати целиот спектар на вдишливи вирусни честички што се исфрлаат во воздухот - и големите и малите.

Ако САРС-КоВ-2 се пренесува низ воздухот, тој е далеку од единствената таква болест. Сипаниците се озлогласени по тоа што можат до два часа да траат во воздухот. Туберкулозата, иако е бактерија, може да ја има во воздухот цели шест часа, а Бросо сугерира дека суперпреносителите на коронавирусот (луѓето што се чини дека исфрлаат поголемо количество вирус од другите) го шират вирусот во модели што личат на заразноста на туберкулозата.

Веќе постојат докази дека овој вид пренос се случува со САРС-КоВ-2. Неколку големи студии упатуваат на воздушно пренесување на вирусот како главен начин на ширење на ковид-19. Други студии сугерираат дека вирусот може со часови да остане во аеросолизираните капки. Една нова студија предводена од Рој и неговиот тим во Тулан покажува дека заразните аеросолизирани честички на САРС-КоВ-2 всушност би можеле да лебдат во воздухот до 16 часа и да ја одржат заразноста многу подолго од МЕРС и САРС-КоВ-1 (другите големи коронавируси што се појавија во овој век).

Сè уште не знаеме што му ја дава на САРС-КоВ-2 оваа воздушна карактеристика. „Но тоа може да биде една од причините што ова е пандемија, а не само мала епидемија како со секој друг коронавирус“, вели Рој.

 

Како да останете безбедни

Прашањето дали вирусот се пренесува преку воздухот не е едноставно научно прашање. Ако е така, може да значи дека на местата каде што вирусот не е ставен под контрола (на пр. САД) економијата треба да се отвора побавно, под построги регулативи што ги зајакнуваат сегашните здравствени практики, како и воведување нови, подобрени. Нашата сегашна тактика за запирање на ширењето нема да биде доволна.

Рој би сакал да се воведе строга употреба на маски за секој што излегува од дома. „Овој вирус се шири како луд“, вели тој. „Носењето маски може да придонесе за неверојатно масовно прекинување на преносот. Мислам дека би било корисно сè што може да промовира употреба на маски, за да се запре производството на аеросоли во воздухот.“

Сепак, Бросо вели дека иако маските можат да го ограничат ширењето на поголемите честички, тие се помалку корисни за помалите, особено ако се само лабаво прикачени. „Би сакала да престанеме да се потпираме на идејата дека покривањето на лицето ќе реши сè и ќе помогне да се израмни кривата“, вели таа. „Тоа е суеверие - тоа нема да се случи“. За маските навистина да направат разлика, треба да се носат цело време, дури и дома со семејството.

Бросо верува дека доказите водат кон заклучокот дека преносот низ воздухот е „примарен и можеби најважен начин на пренесување на САРС-КоВ-2“. Таа вели: „Мислам дека количеството на време и напор посветени на постојано чистење на секоја можна површина беше огромно губење време. Не треба да се грижиме толку многу за чистењето на секоја површина што ја допираме“. Наместо тоа, фокусот треба да биде на други фактори, како на пример каде го поминуваме времето.

 

Преполни места

Едно од најголемите прашања што сè уште го имаме за ковид-19 е колкаво количество вирус е потребно за да предизвика инфекција. Одговорот се менува ако мислиме дека тоа за што треба да се грижиме се аеросолите. Помалите честички не носат толкаво количество вирус како поголемите, но затоа што можат да останат во воздухот подолго време, тоа можеби и не е толку важно - колку подолго заразеното лице исфрла аеросолизиран вирус, толку повеќе тие се трупаат во поголеми концентрации и се дистрибуираат пошироко.

Колку повеќе луѓе влегуваат и излегуваат од затворен простор, толку е поголема веројатноста да се појави некој заразен. Колку подолго време поминуваат заразените лица во тој простор, толку станува поголема концентрацијата на вирусот во воздухот со текот на времето. Ова е особено лоша вест за местата каде што луѓето се собираат со часови, како рестораните, баровите, канцелариите, училниците и црквите.

Преносот низ воздухот не мора да значи дека овие места мора да останат затворени (иако тоа би било идеално). Но не е доволно да ги бришете површините со средство за дезинфекција и да ги натерате сите да носат маски. За безбедно повторно отворање, овие места нема само да треба да го намалат бројот на луѓе во секој даден момент; ќе треба и да го намалат времето во кое луѓето се присутни таму. И зголемувањето на социјалното растојание на над два метри би помогнало луѓето да бидат побезбедни.

И проветрувањето треба да биде поголем приоритет. Ова ќе биде голем проблем за постарите згради, кои обично имаат полоши системи за вентилација и таквите области можеби ќе треба да останат затворени многу подолго. Влијанието на асимптоматското ширење (пренесување од луѓе што не се чувствуваат лошо) и суперпреносителите само дополнително го усложнуваат проблемот. Но истражувањето спроведено од Министерството за внатрешна безбедност на САД покажа дека во присуство на УВ-светлина аеросолизираните честички со големина на оние што ги испитувале истражувачите од Тулан исчезнуваат за помалку од една минута. Голем број фирми почнаа да поставуваат УВ-роботи за дезинфекција на болничките соби, трговските центри, продавниците, јавните транзитни станици и многу повеќе.

За Бросо, најдобрата стратегија е едноставно да се однесуваме како во раните денови на карантинот - да седиме дома и да избегнуваме контакти со некој со кого не живееме. А ако мора да излезете од дома, вели таа, „сè што можам да кажам е да поминувате што е можно помалку време во затворен простор, во област што е добро проветрена, со што е можно помалку луѓе“.

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе