Хомофобично и ксенофобично вирално видео

„Ако не гласате на изборите, Русија ќе стане земја на хомосексуалци и црнци“ (ВИДЕО)

Русите што нема да гласаат на претседателските избори следниот месец ризикуваат нивната земја да се претвори во држава што е поволна за хомосексуалците и во која 50-годишните луѓе може да бидат регрутирани во војска, предупредува едно хомофобично и ксенофобично вирално видео.

Клипот прикажува „геј“ човек што во кујната јаде банана и си ги средува ноктите со турпија. Видеото е обид да се зголеми одѕивот на претседателските избори, играјќи на картата хомофобија и ксенофобија, вели Гардијан.

Триминутното видео, во кое глумат професионални актери, беше поставено на социјалните медиуми во петокот и саботата и беше следено од милиони луѓе. Актерите велат дека не знаат кој го нарачал видеото.

Дејството од видеото се случува на 17 март, во пресрет на претседателските избори, и почнува со средовечен маж што ѝ се потсмева на својата сопруга, која сака да навие будилник за да стане и да гласа. „Без тебе никого нема да можат да изберат“, иронично ѝ вели тој.

Потоа заспива и сонува дека воен офицер, придружуван од двајца војници, од кои едниот е црнец, доаѓа да го регрутира за војска. „Јас имам 52 години“, протестира тој. „Одлично. Возраста за регрутација е зголемена на 60 години.“

Човекот потоа оди во кујната, каде што тетовиран хомосексуалец седи и си ги средува ноктите со турпија. „Кој е ова?“, ја прашува жена си. „Јас сум геј на престој кај вас“, му вели хомосексуалецот, по што неговата сопруга го потсетува дека според новиот закон, руските семејства се обврзани да примаат хомосексуалци што биле напуштени од нивните партнери.

Шокиран, човекот влегува во тоалет, каде што преку интерфон се слуша глас што вели дека „времето за тоалет е ограничено“. Како и во класичните хорор-филмови, тој наводно се буди, но всушност се наоѓа себеси во кревет со хомосексуалец. Потоа се буди вистински, и ја вика сопругата да оди со него на избирачкото место „пред да биде предоцна!“

Опозиционите новинари веруваат дека видеото е направено или од кампањата на претседателот Владимир Путин или од изборната комисија контролирана од владата. Кремљ сака голем одѕив за да ја нагласи легитимноста на Путин. Алексеј Навални, лидерот на опозицијата, ги повика Русите да ги бојкотираат изборите, за кои вели дека се лажирани. Слоганот на кампањата на Путин е „Силен претседател. Силна Русија“.

Опозицискиот сајт Медуза ги обвини продуцентите на видеото дека се обидуваат да ги исплашат Русите и да ги натераат да гласаат играјќи на картата на широко распространетата хомофобија и ксенофобија.

Главни ривали на Путин на изборите се Павел Грудинин, кандидат на Комунистичката партија, и Ксенија Собчак, либерална новинарка што се залага за правата на ЛГБТ.

Собчак го нарече видеото „поттикнување омраза“ кон припадниците на обесправената ЛГБТ-заедница во Русија. „Според мене, може да му се смееме на секого. На Хитлер и на хомосексуалците. Но да ги изложите ЛГБТ-луѓето на закана во хомофобична земја, тоа не е шега“.

Портпаролот на руската изборна комисија рече дека комисијата нема никаква врска со видеото. Портпаролот на изборниот штаб на Путин не беше достапен за коментар, вели Гардијан.

Република Македонија треба да понуди законска можност за реализација на правото на приватен и семеен живот за истополовите партнери.

повеќе

Умре Милена Дравиќ. Да живеевме во некое друго време, во некоја друга земја, таа вест ќе се прикажеше на екраните на југословенските телевизии, како што ни се прикажа веста за смртта на Тито.

повеќе

Во кичестиот амбиент на магичното Скопје, каде што се изградени огромни споменици на Александровите фалангисти, а знамето на НАТО се вее пред зградата на Генералштабот, во градот поделен на македонски и на албански дел, лебди Бизмарковата геополитичка визија: оној што ја контролира долината на реката Вардар, станува господар на Балканот.

повеќе