Како што јавуваат косовските медиуми, припадници на полицијата на Еулекс спроведуваат рација во куќата на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и на лидерот на Демократската партија на Косово Кадри Весељи.
Поранешните припадници на УЧК Хашим Тачи и Кадри Весељи, обвинети за злосторства против човештвото на Косово, се сместени во притвор во судот за злосторствата на УЧК во Шевенинген, соопшти судот.
Тачи, кој поднесе оставка на местото претседател, кажа на конференција за медиумите дека против него е поднесено обвинение на Специјалното обвинителство во Хаг, и дека ќе замине таму доброволно.
Истото го потврди и Весељи, лидерот на ДПК и поранешен претседател на косовското собрание.
Косовскиот министер за правда Сељим Сељими побара на денешната седница на владата да биде веднаш прекинат дијалогот со Белград, по потврдувањето на обвиненијата и апсењата.
„Владата е за спроведување на правдата, но би требало да се разјасни кој суд треба да суди. Тоа треба да биде косовски суд“, кажа Сељими.
Според него, дијалогот треба веднаш да се сопре бидејќи секој друг потег би можел да биде контрапродуктивен за Косово.
„Оваа нова ситуација нас нѐ води до нашата најсилна точка, се произведуваат политички ефекти. Мора да бидеме сигурни во членството во НАТО, а не во враќање назад. Овие обвиненија значат повеќе од правниот ефект, произведуваат политички ефект кој не треба да го гледаме со скрстени раце. Специјализираните совети добиваат досиеја кои ги измислила тајната служба на Милошевиќ“, оцени тој.