Србија

АФП: „Вакцина туристи“ добредојдовте, додека Србите за вакцината велат: „Не благодарам“

Додека поголемиот дел од светот се бори да обезбеди доволно дози вакцина против ковид, Србија води друга битка - како да ги убеди своите граѓани да примат инјекција која спасува живот, пишува АФП.

Фото: ЕПА

„Мала балканска земја има толку вакцини на располагање што дури им понуди на странци кои можат да дојдат во Србија да се вакцинираат, што започна бран на илјадници ‘вакцина туристи’ од околните земји“ пишува АФП.

Според француската агенција, ситуацијата е резултат на дипломатски трикови меѓу Истокот и Западот, што доведе до тоа Белград да обезбеди договори за скоро 15 милиони дози вакцини за својата популација од седум милиони луѓе.

Со веќе достапни околу три милиони дози - Фајзер, Астра зенека, Спутник V и Синофарм - и веќе дадени два милиони дози, еден од најсиромашните агли на Европа, како што пишува АФП, брзо стана еден од најбрзите во вакцинирањето на своето население во Европа.

Сепак, според белградската влада, нешто повеќе од четвртина од оние кои можат да ја примат вакцината се пријавиле за тоа.

Агенцијата додава дека откако Србија ги вакцинирала повеќето од оние кои се пријавиле, вакцинацијата почнала да стагнира.

Во последните две недели од март, бројот на луѓе кои ја примиле првата доза на дневна основа паднал на околу 12.000, што е скоро половина помалку отколку во истиот период во февруари, според официјалните податоци до кои имал пристап АФП.

Поради вишокот на вакцини, Србија минатата недела направи исклучително необичен чекор, нудејќи им на странски државјани да се пријават за доза. Вакцинацијата им била понудена и на мигрантите, според француската агенција.

Властите исто така ги повикале српските граѓани кои сè уште не биле имунизирани едноставно, без закажување, да се појават на пунктовите за вакцинација.

„Ве молам, луѓе, вакцинирајте се. Ги имаме и ќе имаме уште, ве молам, ко Бога, вакцинирајте се“, ги пренесе АФП зборовите на претседателот Александар Вучиќ.

Во исто време, додава агенцијата, српските лекари стравуваат дека ова е врвот во бројот на луѓе кои ќе бидат вакцинирани.

„Јасно е дека нема доволно луѓе кои сакаат да се вакцинираат“, изјави за АФП претседателот на Синдикатот на лекари и фармацевти на Србија, д-р Раде Паниќ.

Според водечкиот српски епидемиолог Предраг Кон, незаинтересираноста за вакцинација е „исклучиво последица“ на дезинформациите против вакцините што се шират на интернет.

„Ја работам оваа работа со децении и ја видов нивната моќ на убедување“, рече Кон, додавајќи дека „еден или два отсто“ антиваксери можат „лесно да влијаат на 50 отсто неодлучни“.

Многу граѓани, пишува АФП, кои имаат отпорност кон вакцинација, всушност не се сметаат себеси за антиваксери.

„Во овие луди времиња, сериозно се сомневам... најмногу поради недостаток на информации од релевантни институции“, изјави за АФП 32-годишниот сопственик на ресторан, Иван.

Српскиот министер за здравство Златибор Лончар предложи забрана за содржина на социјалните мрежи што го поткопува процесот на вакцинирање, додека полицијата минатата недела уапси неколку антиваксери, поради „предизвикување паника“.

Сепак, според АФП, Србија одамна е Мека за дезинформации, што сето тоа е поттикнато од ниското ниво на доверба во владата и другите институции, загрозени од корупција и недостаток на транспарентност.

Според истражувањето за Балканот спроведено во октомври минатата година од страна на Советодавната група за политика на Балканот во Европа (БиЕПАГ), повеќе од половина од испитаниците во регионот не планирале да се вакцинираат.

„Тие (граѓаните на Србија) не веруваат во начинот на кој државата комуницира за вакцините“, изјави за АФП истражувач од БиЕПАГ и експерт за Балканот, Флоријан Бибер.

Сомнежи предизвикуваат и некои лекари, од кои некои добиле стотици илјади следбеници на социјалните мрежи и редовно имаат простор во медиумите со национална фреквенција.

„Постои општа недоверба во науката што беше промовирано во текот на минатата година, не само од државниот врв, туку и од медиумите кои се блиски до него“, вели Бибер.

Во март, илјадници луѓе учествуваа на протест во Белград поради ковид-ограничувањата и играа оро околу споменикот на Стефан Немања, потсетува француската агенција.

Вирусолозите предупредуваат дека бавната вакцинација, во комбинација со зајакнување на пандемијата, е најопасна за развој на нови видови на вирусот, вклучувајќи ги и оние кои можат да станат отпорни на вакцина.

„Мора да бидеме свесни дека процесот на вакцинација мора да биде побрз од вирусот“, изјави вирусологот Ана Банко за РТС.

Самиот претседател Александар Вучиќ, потсетува АФП, досега ја избегнуваше иглата, без оглед на тоа што бесконечно „труби“ за вакцинацијата во локалните медиуми.

Вучиќ верува, како што додава агенцијата, дека кога ќе се вакцинира самиот, неговиот пример ќе го следат „половина милион жители“ за само една недела.

Лекарите, сепак, се помалку оптимисти.

„Сценарио за ненадеен, масовен интерес за вакцинација не е многу веројатно“, изјави Паниќ за АФП.

Лекарите, пак, се согласуваат дека многумина кои се приврзаници на Вучиќ, ќе одлучат да се вакцинираат кога тој ќе го направи тоа.

Но, засега, тие веруваат дека посакуваниот процент од 65-80 проценти вакцинирана популација е сепак далечна цел.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе