Во отворено писмо

76 пензионирани американски генерали и дипломати го предупредија Трамп да не почнува војна со Иран

„Сведоци сме од прва рака колку брзо споровите можат да излезат од контрола“.

Претседателот Доналд Трамп честопати вели дека ги слуша воените генерали повеќе од кого било друг, и, додека Белата куќа се подготвува да испрати 1.500 војници на Блискиот Исток, ова негово тврдење е ставено на тест со писмото од Американскиот колеџ за национални безбедносни лидери.

Писмото, кое го потпишале 76 пензионирани генерали, адмирали, амбасадори и дипломати, беше објавено вчера на американскиот сајт Вор он д рокс. Во писмото се бара од администрацијата да не води војна со Иран, главно од стратегиски причини.

„Војната со Иран, било по избор било по грешка, ќе предизвика драматични последици на веќе дестабилизираниот Блиски Исток“, се вели во писмото, „и ќе ги вовлече САД во уште еден оружен конфликт со огромна финансиска, човечка и геополитичка цена“.

Не е познато дали Трамп го видел писмото, но ако е така, изгледа дека го одбива советот. Во петокот претседателот објави дека испраќа 1.500 војници на Блискиот Исток, како дел од она што го нарече потег за „заштита“.

Иако Трамп во петокот им нагласи на новинарите дека не сака војна со Иран, таквите потези можат да имаат опасни последици.

Трамп и неговиот тим мора да работат за да се избегне конфликт, се вели во писмото, затоа што зголемените тензии меѓу двете земји брзо може да излезат од контрола.

„Како професионалци за национална безбедност со долги кариери во оружените сили на САД и дипломатските служби, ние бевме сведоци од прва рака колку брзо споровите може да излезат од контрола“, се вели во писмото. „Недостигот од директна комуникација меѓу американските и иранските политички и воени лидери за време на заострена реторика само ја зголемува можноста за грешка, која ќе резултира со ненамерен воен конфликт“.

Писмото завршува со повик до претседателот да ја искористи својата моќ за да се дојде до мирни решенија за спорот.

„Треба да се воспостават мерки за деескалација на кризата со иранското раководство на високите нивоа на власта како вовед во истражувачка дипломатија за прашања од заеднички интерес“, се вели во писмото. „Заштитата на американските национални интереси на Блискиот Исток и безбедноста на нашите пријатели и сојузници бара вештина на претпазлив државник и агресивна дипломатија наместо непотребен оружен конфликт“.

Трита Парси, претседателот на Националниот иранско-американски совет, го поздрави писмото, нарекувајќи го „навистина голем“ момент.

„Дали Трамп ќе ги послуша нив или Болтон, Биби и Саудијците?“, праша Парси.

 

САД денес остануваат држава со најнапреден систем на високо образование во светот, со најголем број на научни публикации, инвестиции во наука, патентирање на иновации и на добитници на Нобелова награда.

повеќе

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе