Ковид-19

76 отсто од пациентите имале симптоми и шест месеци по инфекцијата, вели студија од Вухан

Резултатите на кинеска студија спроведена во Вухан врз повеќе од 1.700 пациенти со ковид-19 покажале дека дури 76 проценти од пациентите страдале од барем еден симптом на болеста и шест месеци по инфекцијата. Податоците беа објавени во петокот во медицинското списание Лансет.

Фото: ЕПА

Станува збор за пациенти отпуштени од вуханската болница Џинјинтан помеѓу јануари и мај минатата година, пишува Си-ен-ен.

Студијата открива дека 76 проценти, или повеќе од три четвртини од пациентите што учествувале во следење на симптомите на болеста, објавиле дека сè уште чувствуваат одредени симптоми.

Најчести биле заморот или мускулната слабост, кои и шест месеци по почетокот на дијагнозата биле пријавени од 63 проценти од учесниците во студијата, а 26 проценти од нив имале проблеми со спиењето.

Истражувањата покажаа дека болеста може да има и долгорочни психолошки компликации. Анксиозност или депресија биле забележани кај 23 проценти од пациентите.

Меѓу другите забележани нарушувања, истражувачите забележале губење на косата, на мирисот, апетитот или вкусот, болки во зглобовите, брзо чукање на срцето, вртоглавица и повраќање.

Лекарите велат дека кај пациенти што преживеале потешка форма на болеста рендгенските снимки покажуваат оштетување на белите дробови.

„Со оглед на тоа што ковид-19 е нова болест, дури сега постепено почнуваме да гледаме некои од нејзините долгорочни негативни ефекти врз здравјето на пациентите“, изјави главниот автор на студијата, д-р Бин Цао, од кинеско-јапонската болница на пријателство и Националниот центар за респираторна медицина.

„Нашата анализа укажува дека повеќето пациенти продолжуваат да живеат со последици од коронавирусот по напуштањето на болницата. Тоа укажува на потреба за подолготрајна нега на пациентите дури и по излегувањето од болницата, особено на оние што преживеале потешка форма на инфекција. Нашата работа исто така укажува на важноста од спроведување подолга дополнителна студија за општата популација, што ќе ни овозможи да го разбереме целиот спектар на ефекти што ги остава ковид-19 врз луѓето“, рече Бин Цао.

Научниците од целиот свет ги проучуваат долгорочните последици од коронавирусот што тие го нарекуваат „долг ковид-19“.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) ги наведува заморот, отежнатото дишење, кашлицата, болката во зглобовите и болката во градите како најчесто пријавени долгорочни симптоми.

Тој јавува и за други долгорочни последици, како што се тешкотии во размислувањето и концентрацијата - познато како „мозочна магла“ и главоболки и депресија, кои се забележани кај многу пациенти.

Резултатите од студијата објавена во Британскиот медицински журнал во август покажаа дека околу 10 проценти од пациентите страдале од последици од ковид што траело подолго од 12 недели.

Но кинеската студија е досега далеку најсеопфатната и најдолгорочна студија што го следи долгорочното влијание на ковид-19 врз хоспитализираните пациенти, тврдат нејзините автори.

Пациентите вклучени во студијата биле во просек 57 години и биле отпуштени од болницата Џинјинтан во Вухан, каде што биле третирани првите пациенти од ковид, помеѓу 7 јануари и 29 мај 2020 година.

Студијата опфаќа 70 проценти од сите отпуштени пациенти со прележан ковид-19 во текот на споменатиот период, со исклучок на починатите, како и оние што не можеле да учествуваат поради тешка ментална или физичка состојба и оние што одбиле да учествуваат во студијата.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе

Отворено писмо до претседателот Пендаровски и  академска фела во Македонија.

повеќе