ХАОС ВО УКРАИНА

25 мртви во немирите во Киев, разговорите меѓу владата и опозицијата неуспешни (ФОТО+ВИДЕО)

Најмалку 25 лица се мртви во Киев - хаосот се врати во украинскиот главен град, откако демонстрантите ја нападнаа полицијата, освојуваа згради, палеа возила и автомобилски гуми. Девет полицајци се меѓу загинатите, од кои сите умреле од прострелни рани, пренесува Раша тудеј.

 

Вооружувањето на опозицијата ја премина границата, порачал украинскиот претседател Виктор Јанукович во обраќањето до нацијата објавено на неговата интернет-страница.

„Ова е фрапантно прекршување на законот. Прекршителите мора да се појават пред трибунал, кој ќе им утврди казнени мерки. Ова не е мој каприц, ова е моја должност како човек што го гарантира Уставот - да се обезбеди мир во земјата, мир за граѓаните и правда за сите“, се истакнува во соопштението.

Лидерите на опозицијата веднаш да се оградат од радикалите што провоцираат крвопролевање и судири со полицијата, побарал Јанукович.

„Ако не сакаат да се придржуваат до ова, треба јавно да кажат дека ги поддржуваат радикалите. Во тој случај тие ќе бидат третирани соодветно на тоа“, напишал претседателот.

Виктор Јанукович рекол дека опозициските лидери побарале целосна моќ без избори, што е неуставно.

„Многу пати им реков (на лидерите на опозицијата) - изборите се блиску. Ако луѓето ви веруваат, ќе дојдете на власт. Ако не, нема да дојдете. Но која било од овие две опции мора да се случи легално, според Уставот на Украина“, рекол Јанукович.

За време на телефонскиот повик до Виктор Јанукович, американскиот потпретседател Џо Бајден изразил „сериозна загриженост“ поради порастот на насилството во украинскиот главен град. Бајден го повикал Јанукович да покаже максимална воздржаност и да ги повлече спроведувачите на законот што се соочуваат со демонстрантите во центарот на Киев.

Бајден исто така ја истакнал „итноста на непосредниот дијалог со лидерите на опозицијата за решавање на легитимните жалби на демонстрантите“ и рекол дека треба да се понудат „сериозни предлози за политички реформи“.

Јанукович и лидерите на опозицијата не успеале да постигнат договор за време на вонредниот состанок, пренесува РИА новости цитирајќи изјава на лидерот на партијата УДАР Виталиј Кличко. „Јанукович рече дека постои само една опција... да се расчисти плоштадот Мајдан и сите да си одат дома“, изјавил Кличко по средбата со украинскиот претседател. Сè уште не е јасно дали продолжиле разговорите со другите двајца опозициски лидери.

Најмалку 11 демонстранти загинаа во немирите, според локалните официјални претставници. „До 23 часот по локално време 221 човек побарале медицинска помош, 114 од нив се хоспитализирани. Имаше 11 жртви“, се вели во соопштението од Министерството за здравство на Украина.

Украинското Министерство за внатрешни работи, пак, соопштило дека седум полицајци загинале од истрели со оружје за време на судирите. Подоцна биле убиени уште двајца полицајци, а еден е во животна опасност откако група сообраќајни полицајци биле нападнати во Киев.

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе