Судењето на израелскиот премиер продолжува, првите сведоци ќе говорат денес

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес се врати во судот во Ерусалим, каде против него продолжува судењето за корупција со воведни зборови и излагање на сведоци.

EPA-EFE/ATEF SAFADI

71-годишниот Нетанјаху е првиот премиер на кој му се суди во историјата на Израел.

Тој е обвинет за примање мито, измама и нарушување на довербата во три одделни случаи.

Обвинителите го обвинуваат Нетанјаху дека примал скапи подароци и настојувал да го подобри медиумското известување за себе во замена за услуги.

Последен пат се појавил во окружниот суд во Ерусалим во февруари, кога формално ги негирал сите обвиненија против него.

Главната обвинителка Лиат Бен-Ари започнала со презентацијата на случајот во понеделникот.

Таа рече дека Нетанјаху ги злоупотребил своите огромни овластувања за лични цели и им обезбедил бенефиции на медиумите за да му помогнат да биде реизбран.

Според извештаите на медиумите, Бен-Ари во својот говор истакнала дека сите се еднакви пред законот и дека доказите во обвинението против Нетанјаху се темелат на цврсти основи.

Израелскиот лидер со најдолг мандат бил присутен за време на излагањата на обвинителката, а потоа ја напуштил судницата.

Сведочењето и сослушувањето на сведоците исто така треба да започне денес. Се очекува секоја недела од судењето да сведочат тројца сведоци.

Меѓу останатите обвиненија, Нетанјаху се сомничи дека давал бенефиции на телекомуникацискиот гигант Безек, за возврат, новинската станица Вале, во сопственост на Безек, наводно позитивно известувала за Нетанјаху.

Поранешниот извршен директор на Вале, Илан Јешуа е првиот сведок испитан на судењето.

Покрај истрагата за Безек, покренати се уште два случаи.

Во еден Нетанјаху е обвинет дека преговорал со издавачот на критичкиот весник Једиот Ахронот за весникот да го подобри своето известување за него, во замена за ослабување на про-Нетанјаху весникот Израел Хајом.

Наводно, тој и неговата сопруга Сара биле „постојано снабдувани“ со кутии со скапи цигари и шампањ, како и други подароци во вкупна вредност од 192.000 долари, од октомври 2011 до декември 2016 година од израелскиот филмски продуцент Арнон Милчан и австралискиот бизнисмен Џејмс Пакер.

За возврат, Нетанјаху е осомничен, меѓу другото, и за интервенција во корист на ослободувањето од данок на Милчан и дека му обезбедил американска виза.

Пред зградата, со засилени полициски сили, противниците на Нетанјаху се собрале држејќи голем натпис „Министер за криминал“.

Се собрале и многу приврзаници на премиерот.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE/ATEF SAFADI

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе