Зошто Советите не успеаја да стигнат на Месечината?

Со ракетата Н1 Советите нишанеа кон месечината - и промашија.

На 3 јули 1969 година, само 17 дена пред Нил Армстронг и Ед Олдрин да зачекорат на површината на Месечината, СССР направи втор обид за пробно лансирање на нивната сопствена ракета кон месечината, позната како Н1.

Никогаш не е пуштена ниедна официјална најава на тајната мисија, но во постојаните прелетувања над советскиот тест-полигон во Тјуратам, Казахстан, американските шпионски сателити ја видоа целосно опустошена една од двете лансирни рампи на кои беше познато дека стои ракетата наменета за на месечината.

Советскиот Сојуз тогаш не го знаеше ова, но и неговите надежи за досегнување до месечината завршија на таа јагленосана лансирна рампа во 1969 година.

 

Од старт немаа шанса

Приказната за советската ракета Н1 и пошироката лунарна програма во СССР сè уште е обвиткана во мистерија, особено во споредба со програмата Аполо. Историчарите сè уште дебатираат како и зошто пионерската советска вселенска програма ненадејно заостана во трката кон месечината и колку далеку зад неа беше во моментот кога Армстронг и Олдрин стапнаа на друг свет.

Вистината е дека за пропаста на лунарната програма на Советскиот Сојуз не беше комплетно одговорен ниеден посебен елемент. Сигурно одигра улога тоа што Кремљ сè уште почиваше на своите ловорики по победата во трката до Земјината орбита со Спутник и Гагарин. Не помогнаа ни внатрешните ривалства меѓу лидерите на советската вселенска програма - Сергеј Королев, Валентин Глушко и Владимир Челомеј.

Јури Гагарин и Сергеј Королев

Но уште во април 1961 година, американските политичари веќе ја означија лунарната експедиција како нешто што САД би можеле да го постигнат пред СССР, едноставно поради американската економска и технолошка супериорност.

Додајте ја на тоа млаката поддршка за цивилната вселенска програма од советската војска, која во голема мера ги влечела конците во ракетната индустрија, и станува јасно дека советските инженери никогаш немале можност да ја претекнат НАСА на месечината.

 

Приказната не е комплетирана

Дури и половина век по настаните, сè уште откриваме делчиња од обемниот и повеќестран советски потфат да се однесат луѓе на месечината.

Дури во 2015 година, наследникот на дизајнерското биро ОКБ-1, во кое се развила џиновската ракета Н1, објави детали за сè поголемите болки на советската истражувачка лунарна програма, кои личеа на макотрпниот пат на мисијата Аполо до конечниот дизајн.

Документи од април 1963 година сведочат дека советските инженери тукушто ја завршиле анализата на 26 различни сценарија за лунарната експедиција и успеале само да ги сведат на четири различни дизајни, за кои сè уште биле потребни подетални истражувања пред да може да се избере финалниот план. Во ретроспектива, зачудувачки е да се види колку далеку се овие четири финални сценарија од конечниот дизајн и од надежите за повеќекратни лансирања на суперракети, сè уште нетестирани процедури за пристанување и амбициозно полнење гориво во Земјината орбита.

За споредба, во средината на 1962 година, татковците на проектот „Аполо“ веќе го фаворизираа рандевуто во лунарната орбита како клучен елемент на летачкото сценарио и дизајнот со една лансирна рампа, со што го отворија патот за брзиот развој на ракетата Сатурн V за мисиите Аполо.

Дури и во оваа рана фаза на хартија - кога од Кремљ не беа потребни сериозни вложувања на пари и материјали - советските инженери беа речиси една година зад САД, а оттогаш сè одеше само надолу за Советите.

Разните расправии за употребата на гориво и дизајнот на идната ракета за месечината и други стратегиски несогласувања во рамките на индустријата ја искомплицираа и ја одложија советската лунарна програма. Дури во 1964 година советските инженери го добија неопходното политичко зелено светло за да се приклучат во трката за месечината, но веќе беше доцна.

Во следните четири години, безбројните технички проблеми и лошите тестови на летање го проширија јазот меѓу Аполо и неговиот советски ривал.

 

Време за градење

Илустрација на месечинската ракета Н1

Кога дојде времето за производство, СССР се соочи и со географски недостатоци. На пример, лансирната локација во Тјуратам се наоѓаше далеку од поморските пристаништа, што значеше дека склопот од ракетни носачи требаше да се премести во сувите степи на Казахстан - заедно со армијата работници.

Конечно, завршниот удар за советскиот потфат кон месечината дојде од главниот погонски систем на ракетата Н1. Отпрвин, имаше различни планови Н1 да се опреми со мотори со сила и до 600 тони, но недостигот од неопходната машинерија и време ги принуди дизајнерите да се задоволат со многу помал мотор од 150 тони. Тоа значеше дека вкупно 24 (и кога тоа се покажа недоволно - 30) мотори мораа да работат на прецизно смислен начин за да го кренат монструозното возило од рампата.

Градењето голем објект за тестно лансирање, кој ќе им овозможи на инженерите уште на земја да го нагодат каприциозното повеќемоторно летало, исто така беше баталено за да се заштедат време и пари. Така, кога ганц-новите мотори првпат се сретнаа, мораа да профункционираат на вистинска ракета во вистински лет.

Не профункционираа.

Лунарниот слетувач Луник 1 планиран за советската лунарна програма. Никогаш не полета

За време на првиот обид за лансирање на 21 февруари 1969 година, леталото се урна по една минута и осум секунди во лет поради откажување на погонскиот систем. Лидерите на проектот беа разочарани, но не и обесхрабрени - на крајот на краиштата, никој не умре, лансирната рампа остана недопрена, а ракетата, всушност, и покажа некаква способност да лета (барем на висина од 30 километри).

И навистина, толку многу советски ветерани од проектот Н1 преживеаја такви спектакуларни киксови на толку многу претходни ракети што ова речиси и можеше да се смета за добра вест. Така, советскиот тим што е можно поскоро продолжи со вториот обид за лансирање на Н1.

Втората ракета Н1, наречена 5Л, стигна до рампата во летото 1969 година, кога Аполо 9 и Аполо 10 веќе ги имаа завршено финалните проби со костими пред вистинскиот обид за слетување на месечината - американската победа се наѕираше на хоризонтот. Додека шестата ракета Сатурн V закажана за мисијата Аполо 11 беше подложена на проверки на Кејп Канаверал, второто возило Н1 стигна до лансирната рампа.

Ракетата Н1 бр. 5 полета во ноќта меѓу 3 и 4 јули 1969 година.

Додека се искачуваше на висина од околу 100 метри, само 10,5 секунди по полетувањето, неколку блескави парчиња злокобно отпаднаа од нејзиниот опаш. Џинот тогаш како да замрзна во воздух и почна да се навалува настрана. На врвот на ракетата, моторот за критични ситуации експлодира и ја одвлече капсулата, наменета да носи двочлен екипаж, во мракот. Со парализиран систем за контрола на летот од експлозијата на моторот, џиновската ракета не можеше да се постави на планираната патека на лет и се сруши на лансираната рампа сосе поголем дел од своето гориво.

Огромната експлозија речиси целосно збриша половина од комплексот со две лансирни рампи, проект за чие завршување беа потребни неколку години. Некои парчиња од ракетата наводно биле пронајдени дури и десетина километри од местото, а од експлозијата беа скршени прозорците на згради лоцирани и шест километри од лансирната рампа.

 

Готова работа

Неуспехот на второто лансирање ја запечати судбината на Советите во трката до месечината и го покрена прашањето дали некој советски космонаут некогаш ќе оди на Месечината. Во наредните неколку години, Н1 направи уште две неуспешни (иако не толку разорни) обиди за лансирање, пред советската влада да ја затвори програмата во јуни 1974 година.

Советската вселенска програма продолжи да дава голем придонес во човековото истражување на вселената, вклучувајќи ја и неговата позната ракета Сојуз, но сонот некој советски космонаут да стапне на месечината умре на казахстанската лансирна рампа во летото '69.

Извор: Популар меканик

Објавено

Понеделник, Јули 29, 2019 - 18:16

Минатата недела, Сирија повторно беше на врвот на меѓународните вести. Земјата, која долги години е вклучена во борбата против екстремистичките групи, повторно се соочи со нов бран на агресија и воена акција. Во средата, на 9 октомври, турската армија, заедно со сириските антивладини бунтовници, го започна маршот кон североисточните делови на оваа земја што предизвика жестоки борби.

повеќе

Добар изборен систем треба да биде репрезентативен, но и да овозможува ефикасно владеење.

повеќе

Луѓето можете и ги задржите во сопствената земја - ако им е добро.

повеќе