Зошто сите сакаат да одат на јужниот пол на месечината?

Јужниот пол на месечината е најновото жариште во вселената за роботските и претстојните човечки мисии. Тоа е регион со екстремни услови, со температури до минус 233 Целзиусови степени. Областа е полна со кратери, а сонцето едвај го допира хоризонтот, штуро осветлувајќи ја површината на тие ширини. Сенките во некои кратери никогаш не исчезнуваат, оставајќи ги ледените ѕидови и подови во вечна темнина.

Овие услови, кои ги прават негостољубивите места уште понепријатни, се дел од она што го прави овој регион толку привлечен.

Водниот мраз, вечно замрзнат во вечна темнина, длабоко во тамошните кратери, може да се собира, обезбедувајќи им на патниците на месечината вода, воздух и ракетно гориво. Сега, една нова студија покажува дека собирањето на водниот мраз од овие кратери може да биде полесно отколку што очекуваа инженерите.

Композитна слика, која покажува различни гравитациони сили предизвикани од маси под лунарната кора во близина на јужниот пол на месечината. Глетката е нагоре кон југ, а јужниот пол е во близина на хоризонтот во горниот лев агол. Црвеното ја означува прекумерната маса, а синото недостигот од маса. Фото: Студио за научна визуализација на НАСА

„Луѓето мислат дека некои области во овие поларни кратери заробуваат вода и тоа е тоа. Но на површината удираат честички од соларен ветер и метеороиди и тие можат да предизвикаат реакции што обично се јавуваат на потопли површински температури“, изјави Вилијам Фарел, плазма-физичар во Годард центарот за вселенски летови на НАСА, кој го предводеше истражувањето за лунарниот мраз.

 

Месечинскиот конвој

НАСА фрли око на јужниот пол на месечината за својата следна мисија со екипаж на нашиот планетарен придружник. Артемис 3, кој треба да биде лансиран во 2024 година, треба да ја однесе следната човечка екипа на месечинската површина, вклучувајќи ја и првата жена што ќе зачекори по месечината. Но оваа мисија не е единствената чија цел е нашиот планетарен придружник.

Лендерот Чанг'е 4 (лево) и роверот Јуту-2 (десно). Фото: ЦНСА

Кина интензивно се фокусира на истражување на месечината, а кинеската Национална вселенска агенција (ЦНСА) соопшти дека планира да изгради станица на месечината во следните 10 години. Во јануари 2019 година кинескиот лендер Чанг'е 4 и роверот Јуту-2 станаа првите возила што некогаш безбедно ја допреле далечната страна на месечината. Кинеската вселенска агенција, ЦНСА, има агенда да изврши серија лансирања во јужните региони на месечината во текот на следните години.

Во Индија, најнаселената земја во светот, истражувањата цветаат додека таа им се приклучува на САД, Русија и Кина на површината на месечината. На 22 јули 2019 година Индија го лансира орбитерот Чандрајан-2, заедно со лендерот Викрам и роверот Прагјан, во јужните региони на нашиот планетарен придружник. Со повеќекратни научни експерименти овие три вселенски летала ќе ги пребараат и ќе ги мапираат наслагите вода заради понатамошно истражување.

 

Дали тоа е оаза?

„Високата и фина литература е вино, а мојата е само вода; но сите ја сакаат водата“.

- Марк Твен

Месечината некогаш се сметаше за мртов, безвоздушен, сув свет, кој нема да им помага на оние што, еден ден, ќе ја населуваат вселената. Откривањето на водата на месечината од страна на неколку вселенски летала покажува дека јужниот пол полн со кратери може да ни ја даде првата оаза на нашиот пат низ фригидната вселенска пустина. Воден мраз е откриен и на северниот пол на месечината, иако повеќето наоѓалишта се во јужниот поларен регион.

Водата била наталожена на месечината додека кометите удираат на површината, а водата може да се произведува на површината на месечината преку хемиски реакции предизвикани од сонцето. Молекулите на водата дури можат да мигрираат околу месечината, иако само на кратки растојанија.

Кога истражувачите го испитуваа реголитот, или лунарната почва, тие очекуваа да најдат цврст мраз. Наместо тоа, она што го најдоа беше тенок мраз распрскан низ примерокот. Ударите на микрометеоритите врз површината на месечината може да го објаснат овој неочекуван наод, посочуваат истражувачите.

„Леталото што орбитира околу месечината открива воден мраз со мала густина на подот на некои од јужните поларни кратери - региони за кои се знае дека се многу ладни и можат да заробат вода и други испарувања. Подот на овие кратери е исто така изложен на вселенските услови, вклучувајќи ги и метеорите и јонизираните гасови од сонцето“, објаснуваат истражувачите во една статија објавена во списанието Геофизикал рисрч летерс.

За разлика од Земјата, исклучително ретката атмосфера на месечината не го заштитува нашиот природен сателит од сончевиот ветер или ударите од малите астероиди. Овие услови полека ја истуркуваат водата од екстремно тенкиот слој на лунарната кора. Парчињата остатоци потенки и од човечкото влакно од овие минисудири можат да летаат скоро 32 километри од ударот во претежно безвоздушната околина со мала гравитација пред да паднат.

„Значи, секој пат кога имате некој ваков судир, многу тенок слој од зрнца мраз се шири по површината, изложен на топлината на сонцето и на вселенските услови и на крај испарува или се губи во други процеси“, вели Дана Херли, планетарен научник во Лабораторијата за применета физика при Универзитетот Џонс Хопкинс.

Една интригантна идеја е можноста за воден циклус на месечината. Водата на површината ја складираат кометите, или сончевиот ветер, и таа се пренесува на други места од ударите на микрометеоритите и хемиските процеси пред да се собере и пак да се распрска.

 

Не заборавајте гумени чизми!

Еден од проблемите на вселенските летови, било роботски било со екипаж, е тоа што вселенското летало треба да носи сè што е потребно за летот, вклучувајќи го и горивото, и системот за живот во мисиите со екипаж. Ова ѝ додава значителна тежина на ракетата и ја зголемува цената на летот.

Готовото складиште со вода на месечината (и воздухот и горивото што може да се произведат од неа) ќе значи дека патниците во вселената нема да треба да носат толку воздух, вода или гориво на своите патувања. Ова во голема мера би ги олеснило предизвиците на патување во внатрешниот сончев систем. Доколку патниците на месечината можат да добијат вода од мраз (преку рударење или од природни процеси), колонизирањето на површината на месечината станува малку полесно, а многу поевтино отколку да се носи вода од Земјата.

Симулиран изглед на внатрешноста на вселенска колонија кога луѓето би почнале да го населуваат соларниот систем. Водниот мраз може да го обезбедува таквото живеалиште со воздух, како и со вода за пиење и растенија. Фото: НАСА

„Ова истражување ни кажува дека метеороидите вршат дел од нашата работа и пренесуваат материјал од најстудените места до некои од граничните региони каде што астронаутите можат да пристапат со ровер на соларна енергија“, рече Херли.

Се разбира, би било неразумно да тргнат на патување во друг свет без вода, воздух и гориво, освен ако не се сигурни дека овие потреби може да се задоволат попат. Роботските истражувачи од САД, Европа, Кина и Индија го истражуваат лунарниот јужен пол заради таа витална животна состојка - водата.

Лунарниот извиднички орбитер (ЛРО), лансиран во 2009 година, открива водород, главната состојка во водата, со цел да најде скриени резервоари мраз. Во некои од најмрачните кратери нема паднато светлина милијарди години.

Инструментот од Лиман алфа мапирачкиот проект (ЛАМП) на ЛРО дава докази дека мразот што се гледа на лунарните полови е стар околу 2.000 години. Ова би сугерирало дека на површината на месечината има значајни можности за надополнување на водата.

Додека НАСА ја составува сопствената екипажна мисија за месечината, Кина и Индија се фокусираат на роботското истражување на сателитот. Приватниот вселенски претприемач Илон Маск неодамна за списанието Тајм рече дека неговата компанија, Спејсекс, би можела да спушти робот на месечината за две години, а за само четири години да однесе човек на површината на месечината.

Сите очи се свртени кон најновата, најпосакувана територија во планетарното соседство - јужниот пол на месечината.

Извор: Медиум

Објавено

Вторник, Јули 30, 2019 - 10:04

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе

Без оглед на политичката заднина на случајот за изнудување, владата во Скопје мора да се фокусира на темелна истрага наместо на ограничување на штетата.

повеќе