„Дали Земјата е уникатна?“

За прв пат пронајдена вода на потенцијално населива планета

Астрономите за прв пат открија вода во атмосфера на планета која орбитира во рамки на населива зона на далечна ѕвезда, пренесе Би-би-си.

Ова откритие ја прави планетата - која се нарекува К2-18б - веродостоен кандидат во потрагата по вонземски живот.

За 10 години, нови вселенски телескопи би можеле да утврдат дали атмосферата на К2-18б содржи гасови кои би можеле да се создадени од живи организми.

Детали се објавени во научното списание Нејчр астрономи.

Професорката Џована Тинети, лидер на тимот од Универзитетскиот колеџ во Лондон (УЦЛ) го опиша откритието како „неверојатно“.

„Ова е прв пат да откриеме вода на планета во населива зона околу ѕвезда, каде што температурата  е потенцијално компатибилна со присуство на живот“, рече таа.

Населива зона е подрачје околу ѕвезда каде температурите се такви за водата да постои во течна состојба на површината на планетата.

К2-18б се наоѓа на 111 светлосни години од Земјата, премногу далеку за да испрати сонда. Значи, единствената опција е да почекаме следната генерација на вселенски телескопи да бидат лансирани во 2020-тите и да бараат гасови во атмосферата на планетата што може да ги произведуваат само живи организми, според д-р Инго Валдман од УЦЛ, пренесе Би-би-си.

„Ова е едно од најголемите прашања во науката и отсекогаш сме се прашувале дали сме сами во Универзумот“, рече д-р Валдман. „Во следните 10 години, ќе знаеме дали има хемикалии што се должат на живот во тие атмосфери“.

Тимот кој дојде до откритието ги разгледувал планетите откриени од вселенскиот телескоп Хабл помеѓу 2016 и 2017 година. Истражувачите, некои од хемикалиите во атмосферата на планетите ги одредиле проучувајќи ги промените на ѕвездената светлина додека планетите орбитирале околу своите сонца.

Само К2-18б дала молекуларен потпис на вода, што е витална состојка за живот на Земјата. Компјутерското моделирање на податоците сугерирало дека до 50% од нејзината атмосфера може да биде вода.

Новата планета е два пати поголема од Земјата и има температура доволно ладна за да има течна вода, помеѓу нула и 40 степени.

Д-р Ангелос Цијарас, член на тимот од УЦЛ, рече дека наоѓањето вода во атмосферата на потенцијално населива егзопланета е „неверојатно возбудливо“.

Тој рече: „Нè приближува до одговорот на фундаменталното прашање: Дали Земјата е уникатна?“

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе