Толку мал телескоп, со толку јасен поглед

Вселенскиот телескоп Хабл лансиран пред 30 години - добра приказна со фасцинантни фотографии

„Она што најживописно се истакнува во мојот ум се сите работи што тргнаа на лошо“.

Вселенскиот шатл Дискавери беше лансиран во орбитата пред точно 30 години, со вселенскиот телескоп Хабл во багажникот.

Чарли Болден, кој служеше како пилот во шатл-мисијата СТС-31, се сеќава на петдневниот вселенски лет како да бил вчера. „Она што најживописно се истакнува во мојот ум се сите работи што тргнаа на лошо“, се сеќава Болден во едно интервју.

И навистина. Иако астрономите нема да откријат дека вселенскиот телескоп Хабл има сериозен проблем со своето огледало сè до неколку недели откако Дискавери слетал, ни самата мисија на поставување не била без проблеми. Екипажот за малку ќе се впуштел во вонредна вселенска прошетка, па дури имало и планови за во крајна нужда Хабл да се врати на Земјата доколку има потреба.

Мисијата била пионерска од почеток, со планирана орбита на 612 км над површината на планетата, поради што било потребно леталото да лета повисоко од која било дотогашна мисија на шатл. Поставувањето на телескопот дошло еден ден откако шатлот стигнал до орбитата и се состоел од комплицирана низа настани. Откако ќе го исклучат телескопот од напојувањето на шатлот, астронаутите требало да употребат роботска рака за да го откачат инструментот од багажникот на шатлот, да ги отворат неговите соларни постројки и, конечно, да го ослободат телескопот.

„Од моментот кога го исклучивме Хабл од напојувањето на шатлот, почнаа да чукаат два часовници“, објасни Бил Ривс, кој бил директор на летот на мисијата и ги надгледувал операциите од вселенскиот центар Џонсон. „Телескопот беше на батерија од тој момент и имаше ограничено напојување. А со прикачениот телескоп, шатлот требаше слободно да лебди, затоа што системот за погон можеше да го оштети инструментот.“

Кога копнените контролори што го управувале телескопот почнале да ги размотуваат неговите две соларни постројки, една од постројките не го сторила тоа како што треба. Минутите се претвориле во часови додека инженерите на Земјата го решавале проблемот. Секако, Ривс имал план за итни случаи. Тоа значело да се испратат астронаутите Брус Меккендлес и Кетрин Саливан надвор од шатлот за рачно да ги постават постројките.

По неколку часа, откако батериите на Хабл се потрошиле, а шатлот почнал неконтролирано да се врти, Ривс ги упатил Меккендлес и Саливан да се спремат и да влезат во во комората за декомпресија.

Тогаш инженерите рекле дека мислат дека го откриле проблемот и дека предложената мала промена ќе го реши. Ова било успешно и втората соларна постројка проработела. Меѓутоа, бидејќи телескопот требало да биде распореден и роботската рака прибрана, Ривс ги оставил Меккендлес и Саливан во комората за декомпресија, без дури ни прозорец да гледаат додека телескопот Хабл одлебдувал.

„Тие беа единствените две лица на планетата што не успеаја да го видат поставувањето на Хабл“, рече Ривс. До ден-денес, додаде тој, Саливан сè уште на шега го прашува дали намерно им го направил тоа.

По поставувањето на Хабл, шатлот се оддалечил на половина орбита, во случај да се појави непосреден проблем што екипажот ќе треба да го поправи. (Не се појавил, бидејќи научното пуштање во употреба на инструментот нема да се случи уште неколку недели). Ако проблемите на Хабл се влошат, екипажот на СТС-31 планирал да го врати телескопот назад на Земјата во багажникот на Дискавери.

Бидејќи немало очигледни проблеми додека тие биле во орбитата, на астронаутите им била дадена дозвола да се вратат пет дена по лансирањето. Откако шатлот слетал во Калифорнија, Ривс се сеќава дека им кажал на своите контролори на летот: „Вие луѓе немате идеја што направивте“. Вселенскиот телескоп Хабл, рече тој, ќе го промени начинот на кој луѓето ги гледаат ѕвездите.

Болден се сеќава дека некое време по слетувањето бил во делириум. Како и сите други, астронаутите со нетрпение ја чекале првата слика од телескопот, снимка на далечната ѕвезда по име ХД96755 направена на 20 мај 1990 година. Нивната возбуда ја снемало кога првата слика излегла матна и само незначително подобра од телескопите базирани на Земјата. Наскоро астрономите сфатиле дека телескопот има искривено огледало.

„Моралот падна“, рече Болден. „НАСА стана предмет на шеги низ светот. Околу три години бевме хит во сите ноќни ток-шоуа“.

Но тогаш се случи една интересна работа. НАСА ја активираше својата меморија Аполо 13 и во текот на следните три години планираше прецизна сервисна мисија за да го поправи огледалото, да ги надгради неговите инструменти и да донесе нов, помоќен сет на соларни панели. Во декември 1993 година, спејс шатлот Ендевор полетал на 11-дневна мисија за сервисирање, во која биле вклучени пет вселенски прошетки. Стори Масгрејв, кој работел на развојот на Хабл од раните 1970-ти, бил раководителот на мисијата.

„Машината имаше многу лош почеток“, вели тој. „Ставањето погрешно огледало во телескопот беше криминална небрежност. Јас простувам грешки, но тоа беше многу полошо од грешка. Тоа не е добра приказна.“

Она што следува, сепак, е добра приказна. Во текот на последниве 27 години и уште четири дополнителни сервисни мисии, НАСА и нејзините астронаути го надградија инструментот како од најлудите соништа на неговите оригинални планери. Хабл излезе најважниот научен инструмент на сите времиња, просветлувајќи ги астрономите за природата на универзумот и внесувајќи ја науката во популарната култура.

„Не бев подготвен за моќта на набљудувањата“, рече Масгрејв. „Во споредба со некои од големите телескопи на Земјата, Хабл е толку мал телескоп. Но тој има јасен поглед. Луѓето ги сакаат сликите, не само поради науката, туку и поради нивната убавина. Тие кажуваат кои сме ние.“

Еве некои од најславните слики на Хабл:

Галактичкиот кластер СДСС Ј1038+4849 снимен од Хабл

Легендарните Столбови на создавањето во маглината Орел, оддалечена 6.500-7.000 светлосни години од Земјата

Слика на Хабл од Ета Каринае, хиперџиновска ѕвезда (околу 100 пати поголема од сонцето) што претрпе две огромни експлозии, кои создадоа голема маглина од остатоци

Фотографијата од 20-годишнината на Хабл е слика од маглината Карина, регион во кој се формираат ѕвезди во кој е вклучена и Ета Карина, прикажана претходно

Гравитационите интеракции на овие две галаксии во Арп 273 ја прават оваа фантастична слика, која се споредува со вселенска ружа

Фотографија создадена за да се прослави 16-тиот роденден на Хабл, ова е композит од галаксијата Месје 82

Арп 148, последиците од судирот меѓу две галаксии

Големата црвена точка на Јупитер заедно со два помали придружници

Планетарна маглина наречена НГЦ 6751. Овие карактеристики немаат никаква врска со планетите. Наместо тоа, тие се создаваат кога една голема ѕвезда ќе исфрли гас и потоа го осветлува однатре.

Вестерланд 2, кластер на новоформирани ѕвезди, во композит на слики направени од повеќе од една камера на Хабл. Сликата беше објавена за да се прослави 25-годишнината на Хабл во вселената

Објавено

Сабота, Април 25, 2020 - 16:36

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе