Во снегот на Антарктикот најдена прашина од супернова, стара можеби и 20 милиони години

Ние сме направени од ѕвезден материјал, рече еднаш Карл Саган, а едно ново откритие на Антарктикот покажува дека тоа во некои случаи е буквално точно.

Ѕвездата се распаѓа кога умира, распрснувајќи вселенска прашина во џиновски облак од елементи. „Експлозијата“, наречена супернова, резултира или со црна дупка или со неверојатно мала, густа ѕвезда што повеќе не произведува топлина.

Планетата Земја доволно долго е тука за да собира честички од експлодирачките ѕвезди, иако е тешко да се најде доказ за тоа. Но некогаш во изминативе 20 години, вселенска прашина од супернова стигнала до Земјата и се наталожила на Антарктикот. Самата прашина може да е стара и до 20 милиони години, вели Вашингтон пост.

Кога една ѕвезда експлодира во супернова, се формира реткиот изотоп на железо, наречен железо-60, за кој научниците знаат дека бил присутен кога се оформил нашиот сончев систем. А неодамна научниците пронајдоа траги од железо-60 во свеж снег на Антарктикот.

Железото-60 има полуживот од 2,6 милиони години, што значи дека живее екстремно долго. И порано беше откривано на Земјата во ретки случаи, како што е длабоко во кората на Земјата или на морското дно. Откриено е и во примероците собрани од Месечината од мисиите Аполо 12, 15 и 16. Но научниците сакале да дознаат дали тоа сè уште се таложи на површината на Земјата, па затоа се свртеле кон недопрениот снег на Антарктикот.

„Се прашувавме каде е можно да најдеме други наслаги на железо-60 од ѕвездени експлозии во минатото, бидејќи сончевиот систем сега минува низ погуста меѓуѕвездена околина“, објасни во соопштението главниот автор д-р Доминик Кол од Австралискиот национален универзитет. „Ова беше тежок потфат, бидејќи ситната прашина од вселената обично се губи во природата. Меѓутоа, верувавме дека е можно да се најде таква прашина во чистиот снег на Антарктикот. Затоа ги извадивме лопатите и почнавме да го копаме снегот“.

Истражувачите собрале 500 килограми снег од околината на станицата Конен и го анализирале, па пронашле најмалку 5 атоми на железо-60.

Но во втората половина на 20 век нуклеарните оружја и нивните тестирања распрснувале честички низ целата планета, а тие реакции исто така произведуваат железо-60.

Сепак, понатамошните тестирања покажале дека изотопот не потекнува од извор на Земјата, како што се несреќата во нуклеарниот реактор Фукушима или тестовите на нуклеарно оружје. „Радиоактивните изотопи мора да потекнуваат од далечни ѕвездени експлозии“, заклучиле тие.

Ова е особено релевантно бидејќи железото-60 не можело да слета пред милиони години, како што било случај со претходните откритија на железо-60. Снегот на Антарктикот е стар помалку од 20 години, така што Земјата сè уште мора да собира честички од експлозии на супернова што се случиле пред илјадници или милиони години.

Истражувачите велат дека само остарените, големи ѕвезди на умирање и одредени видови експлозии на супернова можат да создадат тешки метали, како што е железо-60, исфрлајќи честички од овие супстанции во вселената. Всушност, една ѕвезда мора да биде десетици пати поголема од нашето сонце за да може да создаде железни изотопи, што покажува дека железото-60 не потекнува од нашиот сончев систем.

Истражувачите веруваат дека железото-60 не би можело да потекнува од некоја многу далечна супернова, бидејќи би било премногу осиромашено за да стигне до нашата планета.

„Мора да била супернова, не толку близу за да нè убие, но не и премногу далеку за биде растворено во вселената“, рече Кол.

Овој заклучок го навел Кол да претпостави дека нашата планета била „туширана“ со честички од железо-60 во одреден момент од патувањата на нашиот сончев систем низ регион на нашата галаксија познат како Локален меѓуѕвезден облак. Овој регион - кој опфаќа околу 30 светлосни години - се смета дека се формирал откако масовните ѕвезди експлодирале како супернова, исфрлајќи огромни количества гас во вселената.

Нашиот сончев систем влегол во овој облак од прав пред 40.000 години, така што за да ја проверат оваа теорија, научниците ќе ги разгледаат ледените јадра што се стари повеќе од 40.000 години. Ако тие не содржат ни трошка железо-60, веројатно ќе се потврди дека извор на железото-60 е облак од вселенска прашина.

Бидејќи знаеме да се перчиме со секој што потекнал од нашиве простори, дури и до илјадито колено наназад (од Аминта III до Симона Халеп), јас ќе ја искористам приликава за да се погордеам со македонските гени на еден извонреден музичар: Васил Хаџиманов.

повеќе

Коста Абрашевиќ, Гоце Делчев... и десетици илјади современици кои потпишале дека „по род се...", за да можат да патуваат и да работат во ЕУ државите.

повеќе

Наместо ефтини штосови на прес конференциите на СДСМ, ВМРО и ДУИ, на кои во несвест паѓаат само  партиските послушници, нивните лидери треба да одговорат на конкретни прашања.

повеќе