Предизвикано од човекот

Вибрирањето на Земјата опаднало за 50% за време на карантинот од март до мај поради ковид-19

Недостигот од човечка активност за време на карантините предизвикал вибрациите поврзани со човекот на Земјата да се намалат во просек за 50 отсто помеѓу март и мај 2020 година.

Помеѓу март и мај 2020 година, многу луѓе низ целата планета отидоа во карантин. За време на тие месеци сеизмографите забележале пад на вибрациите на цврстата Земја (површината на планетата и нејзината внатрешност) поврзани со човекот, во просек за 50%.

Овој тивок период, најверојатно предизвикан од целокупниот глобален ефект на мерките за социјална дистанца, затворањето на угостителството и индустријата и падот на туризмот и патувањата, е најдолгиот и изразено најтивок период на сеизмичка бучава во историјата.

Новото истражување, предводено од Кралската опсерваторија на Белгија и пет други институции низ целиот свет, вклучувајќи го Кралскиот колеџ во Лондон, покажа дека намалувањето на „сеизмичката бучава“ предизвикано од луѓето е поизразено во погусто населените места.

Мерена со инструменти наречени сеизмометри, сеизмичката бучава е предизвикана од вибрации во внатрешноста на Земјата, кои патуваат како бранови. Брановите може да бидат предизвикани од големи настани како што се земјотреси, вулкани, бомби и така натаму, но и од амбиенталните вибрации - од ветерот, реките, океанските бранови, како и човечките активности (особено патувањата и индустријата). Според новата студија на меѓународниот тим истражувачи, нивото на сеизмичката бучава на Земјата се намалило во просек за 50% помеѓу март и мај 2020 година, за време на карантините поради ковид-19.

Пред оваа студија, научниците знаеја дека бучавата предизвикана од човекот има тенденција да опаѓа во тивките периоди, на пример, за време на божиќните и новогодишните празници во западната хемисфера, околу кинеската Нова година во Азија, па дури и за време на викендите и преку ноќ. Сепак, истражувачите рекоа дека падот на вибрациите предизвикани од карантините поради ковид-19 ги засенува падовите што се забележани во такви периоди.

Новото истражување покажа дека најголемите падови на вибрациите биле забележани во најгусто населените области, на пример, Сингапур и Њујорк. Падови во вибрациите се забележани и во напуштени области, како што е Црната шума во Германија и Рунду во Намибија.

„Најсилни падови беа најдени во урбаните области, но студијата откри траги од карантинот и на сензорите закопани стотици метри под земја…“, се вели во соопштението на научниците.

Стивен Хикс од Кралскиот колеџ во Лондон е коавтор на студијата, која беше објавена на 23 јули во рецензираното списание Саенс.

„Нашата студија уникатно нагласува колку човечките активности влијаат на цврстата Земја“, вели Хикс во соопштението.

Тој додава дека студијата може да им овозможи на научниците појасно од кога било досега да го видат она што го разликува човечкиот и природниот шум.

За оваа студија, истражувачите ги разгледале сеизмичките податоци од глобална мрежа од 268 сеизмички станици во 117 земји. Откриле значително намалување на бучавата споредено со периодот пред карантините на 185 од тие станици.

Почнувајќи од Кина кон крајот на јануари 2020 година, а проследено со Европа и остатокот од светот во март до април 2020 година, истражувачите го следеле „бранот“ на замолкнување меѓу март и мај додека се воведуваа вонредните мерки поради ковид-19.

Земјите како Барбадос, каде што карантинот се совпадна со туристичката сезона, забележале намалување на бучавата од 50%. Ова се совпаднало со податоците за летовите, што сугерира дека туристите се вратиле дома во неделите пред официјалните карантини.

Студијата го објави првиот доказ дека претходно прикриените сигнали за земјотреси, особено дење, се појавувале појасно на сеизмометрите во урбаните области за време на карантинот. Авторите на студијата се надеваат дека нивната работа ќе предизвика понатамошни истражувања за сеизмичкиот карантин, како и пронаоѓање на претходно скриени сигнали од земјотреси и вулкани.

„Карантините предизвикани од пандемијата на коронавирусот може да ни дадат блесок на сознание за тоа во каков сооднос се човечката и природната бучава со Земјата. Се надеваме дека ова сознание ќе предизвика нови студии што ќе ни помогнат подобро да ја слушаме Земјата и да ги откриеме природните сигнали што инаку би ги пропуштиле“, рече Хикс.

Објавено

Понеделник, Јули 27, 2020 - 22:24

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе