Да ги спасиме бактериите!

Веројатно исчезнува една форма на живот клучна за човечкиот опстанок

Најновите податоци велат дека видовите микроорганизми се под закана - што ја доведува во ризик целата планета.

Фото: Пиксабеј

Не е тајна дека нашата планета е во криза.

Според Меѓународната унија за зачувување на природата, повеќе од 37.400 видови се изложени на ризик од истребување. Тоа вклучува 26 проценти од цицачите, 36 проценти од ајкулите и раите и 41 процент од водоземците.

Но на плакатите за зачувување на природата со слатките, бушави панди и величествените слонови недостига еден друг вид што не е помалку важен и веројатно не е ни во помал ризик: микроорганизмите.

Тоа се вирусите, бактериите, габите и протистите, кои се горивото на нашата планета. Иако нам ни се најпознати оние што предизвикуваат болести - дури и глобални пандемии - огромно мнозинство од нив се клучни играчи во циклирањето на хранливите материи што ги одржуваат нашите шуми, океани, фарми и савани.

Трилиони (да, трилиони) од нив, исто така, живеат во и на животинските и растителните тела (вклучително и човечките), регулирајќи го растот, развојот и кондицијата на сите живи суштества и заштитувајќи ги од патогените. Едноставно кажано, ние - заедно со растенијата и животните - не можеме да преживееме без нашите микробиолошки партнери.

Но едно неодамнешно истражување сугерира дека истите фактори што им се закануваат на оние харизматични тигри, поларни мечки и китови, ги загрозуваат и микроорганизмите.

Важноста на ова е огромна: целиот живот зависи од микробите, па ако тие се изложени на ризик, целиот живот е изложен на ризик. Ние мора да сториме сѐ што можеме за да го зачуваме она што ни остана и да го вратиме она што сме го загубиле.

Дури и во ризик, огромниот број на микробите во секој агол и пукнатина во светот е фасцинантен.

  • Океаните содржат 100 милиони пати повеќе бактерии од бројот на ѕвездите во познатиот универзум.
  • Една кафена лажичка почва носи ист број микроорганизми колку и бројот на луѓето на целиот континент Африка.
  • Нашите сопствени тела се дом на толку многу микроби што секој од нас содржи повеќе микробиолошки клетки отколку човечки.

Но не е важен чисто бројот на микробите - разновидноста кај здравите микробиолошки видови е клучна за здравата планета. Во секој екосистем, разновидните микробиолошки заедници работат заедно, а различните видови вршат различни улоги.

Заедно, овие заедници ги рециклираат хранливите материи како азот и фосфор, ги разложуваат загадувачите како пестицидите и истечената нафта, го подобруваат квалитетот на водата со деградирање на органскиот материјал од отпадот и ја зголемуваат земјоделската продуктивност со зголемување на навлегувањето на хранливите материи во растенијата и контролирање на штетниците.

Ни помагаат и нам: познати ни се приближно 1.400 микроорганизми што може да бидат опасни за луѓето ако се вгнездат во нашите тела, а нашата прва линија на одбрана од овие патогени микроби се микробите што веќе живеат во нашите црева и на површините на кожата, кои се како амортизери против непријателските инвазии.

За жал, микробните количества и разновидност, заедно со спасувачките функции што ги вршат микробите, се чини дека се под закана од познатиот список на проблеми - злоупотребата на земјоделското земјиште што ги отстранува хранливите материи од почвата, губењето на живеалиштата преку развој, климатските промени, загадувањето, уништувањето на шумите, ловот и прекумерниот риболов.

Иако е тешко да се измери точното влијание на човековите активности затоа што многу микроби сѐ уште се тешки за идентификување и проучување, сѐ почестите истражувања покажуваат еден јасен тренд.

Еден труд од 2013 година откри дека сечењето на дождовната шума во Амазон, претежно за да се отвори место за пасишта на говеда, ја сменило и ја намалило различноста на микробите во почвата. Една понова анализа на 82 потоци во Мериленд откри дека видовите на присутните микроби се разликуваат врз основа на тоа со каков вид земја граничат потоците - земјоделска, урбана или релативно недопрена (пошумена).

Очекувано, потоците во близина на шумите имале поголеми нивоа на кислородно циклирање (процес од суштинско значење за водниот живот, чие гориво се, делумно, бактериите) отколку оние покрај урбаните области.

Една анализа од 2020 година објави дека, со моменталната стапка на загуба на коралните гребени поради човечка активност, кај овие екосистеми има 28-процентно намалување на богатството на бактерии и слични микроби. Дури и температурните разлики поврзани со климатските промени влијаат на составот на микроорганизмите во природата.

Пандемијата нè научи на многу работи, од кои едната е моќта на микробите. Но сегашните стратегии за зачувување често не ги земаат предвид микробите. Поборниците за спас на природата треба повеќе да соработуваат со микробиолошките екологисти, кои ја имаат технолошката експертиза за мерење и толкување на улогата што ја играат микробите во здравјето на загрозените видови и околини.

Како само еден пример, американските жерави одгледувани од луѓето обично се помалку здрави од дивите (загрозени) такви птици; бидејќи пилињата пораснати од човекот имаат различни цревни микробиоми од жеравите во дивината, ним може да им се помогне со фекална трансплантација од дивите птици, кои може да содржат поздрави нивоа на цревни бактерии.

Работејќи заедно, еколозите и микробиолозите може да интервенираат во корист на потребите на сите суштества на планетата, големи и мали.

 

Автор: Мухамед Салеем

Извор: Ноабл магазин

Легенда под Главна слика

Фото: Пиксабеј

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе

Страшно е да се помисли дека постојат луѓе што со години се распрашуваат, го истражуваат, и го следат животот на граѓаните преку социјалните мрежи и интернетот.

повеќе

Во Македонија моментално има стотици активни стечајни постапки, некои од нив се водат повеќе од 10, па дури 20 години.

повеќе