Ковид-19

Тромбозата, вакцините и како настануваат стравовите околу малите ризици

Веројатноста еден просечен читател на овој текст да загине во сообраќајна несреќа пред крајот на оваа година е околу осум пати поголема од можноста лице што примило вакцина на Астразенека да добие тромбоза, вели д-р Милош Бабиќ, молекуларен биолог и невробиолог, за Наука у Србији.

Фото: ЕПА

На примерок од милион луѓе, тромбоза ќе добијат помеѓу 500 и 1.200 жени што пијат апчиња за контрацепција (кои се сметаат за испитан лек). Згрутчувањето на крвта е уште почесто кај луѓето заразени со коронавирус - 165.000 случаи на милион. Меѓутоа, фокусот сега е насочен кон ситуација во која овој проблем многу ретко се појавува: аденовирусните вакцини.

 

1. Тромбозите и аденовирусните вакцини: што се случило?

Кога се испитуваат лековите (се однесува на сите лекови), испитувањата се прават на илјадници или десетици илјади луѓе. Ваквите студии се важни за да се утврди безбедноста и дејството на лекот, но тие имаат и значително ограничување: не се гледаат несаканите ефекти што се јавуваат многу ретко, еднаш на стотици илјади (или повеќе) дози. Овие ретки последици може да се откријат дури кога ќе почне масовното давање на лекот, и тие (во зависност од тоа колку често се појавуваат) може да утврдат кои лекови ќе останат на пазарот долгорочно, а кои нема.

Аденовирусните вакцини сега налетаа на еден таков несакан ефект. До пред неколку дена ова беше само сомнеж, но сега се покажа дека постои корелација со еден невообичаен и многу редок вид тромбоза. Пред целиот Ад да се крене на нозе и да крене паника за оваа ситуација, важно е да знаете неколку работи:

а. Во услови кога нема пандемија, пушењето и апчињата за контрацепција се меѓу најчестите причини за тромбоза.

б. Тромбозата сепак е најголем проблем кај коронавирусната инфекција и таа е една од причините зошто вирусот му предизвикува толку голема штета на организмот - за време на инфекцијата доаѓа до широка тромбоза и системско задушување на крвотокот, што доведува до умирање на ткивото во белите дробови, срцето, бубрезите, мозокот… Ако ги погледнете репортажите од ковид-болниците, ќе видите дека, во такви институции, операциите поради тромбоза се секојдневна работа.

 

2. За колкав ризик зборуваме?

На 34 милиони дадени дози на вакцината Астразенека, откриени се 222 случаи на тромбоза поврзана со вакцините, а починаа околу 30 лица. Ова значи дека проблемот на некое ниво се јавува кај една личност на секои 100-150.000 вакцинирани, и дека (приближно) една личност (во милион) ќе има фатален исход.

Србија доби околу 350.000 дози од оваа вакцина. Ако се дадат сите дози, можеме да очекуваме дека во Србија ќе се појават околу две тромбози, а постои веројатност од околу 35% дека едно лице во нашата земја (можеби) ќе умре поради вакцината.

Како што покажува ЕМА, ова и понатаму е многу помал ризик од ризикот што го носи вирусот – кога истите 350.000 лица би добиле коронавирус, тој би убил околу 2.000 луѓе и би оставил 20.000 со значителни трајни последици. Меѓу другото, илјадници луѓе би имале проблеми токму со тромбозата. Значи - зборуваме за две лица што можат да добијат тромбоза поради вакцинацијата, наспроти илјадници луѓе што би добиле згрутчување на крвта поради инфекцијата со коронавирусот.

Сличен проблем беше забележан со вакцината на Џонсон & Џонсон: на 8 милиони дадени дози, имаше 6 случаи (со букви: шест случаи) на овој вид тромбоза. Во Америка поради тоа е паузирано давањето на оваа вакцина додека да се проверат и проценат точните ризици. Сè уште нема податоци за Спутник V, но врз основа на механизмот на дејствување, се очекува да се појават слични проблеми.

 

3. Како овој ризик се споредува со другите ризици од секојдневниот живот?

Секоја акција во светот носи ризик - ништо не е совршено безбедно. Луѓето гинат од лизнување на улица, остануваат со оштетувања на мозокот откако залак храна ќе им упадне во душникот, а смртните случаи од паѓање во када за време на бањање не се ретка работа. За подобро да го разбереме обемот на ризикот, да земеме нешто за што имаме јасни податоци: сообраќајните несреќи.

Во Србија во текот на 2018 година (последната за која лесно може да се најде статистика), во сообраќајни несреќи загинале 564 лица, од кои 158 биле пешаци.

Веројатноста еден просечен читател на овој текст да загине во сообраќајна несреќа пред крајот на оваа година е околу осум пати поголема од можноста лице што примило вакцина на Астразенека да добие тромбоза.

Ако не возите автомобил, туку само пешачите, шансата дека автомобил ќе ве убие пред крајот на оваа година е околу 20 пати поголема од шансата вакцинирана личност да умре поради вакцинација.

4. Како функционира тромбозата и како е поврзана со аденовирусната технологија

Во нормални услови, згрутчувањето на крвта главно се одвива преку поврзување на таканаречените плочки, фрагментирани клетки што се постојано присутни во крвотокот. Во случај на повреда, плочките се поврзуваат една со друга, а и со другите клетки во крвта, создавајќи тромбови, кои го запираат крвавењето. Истите тромбови на површината на кожата исто така формираат „краста“, со која повредата се штити од бактерии и други надворешни напаѓачи.

На плочките се наоѓаат разни протеини што го контролираат згрутчувањето - исклучително важна работа, бидејќи згрутчувањето на крвта може и да нè спаси и да нè убие, во зависност од тоа кога и каде се случува. Од особено значење за нашата приказна тука е протеинот наречен ПФ4, кој ги регулира воспалителните процеси во близина на тромбовите.

Истражувачите што ги опишаа ретките тромбози кај вакцинираните лица, забележаа големи сличности со веќе познатиот несакан ефект од употребата на еден друг лек, хепарин. Хепаринот им се дава на луѓето токму за да спречи непотребно згрутчување на крвта; се дава и во случаи на потежок ковид, за да се намали тромбозата предизвикана од вирусот. Парадоксално е, но во ретки случаи може да се појави несакан ефект наречен ХИТ (тромбоцитопенија предизвикана од хепарин). Во такви случаи, луѓето развиваат антитела, кои се врзуваат за ПФ4 и хепаринот, што создава ненадеен бран на згрутчување на крвта низ целиот организам. Лекот против тромбови, така, може (многу ретко) да биде смртоносен токму преку тромбовите!

Кај луѓето што развиле тромбоза по вакцината на АЗ се пронајдени автоантитела против протеинот ПФ4. Тоа ја отвора можноста за следната серија настани:

- Од приближно педесет милијарди аденовирусни честички во секоја доза на вакцината, некои ќе се распаднат и од нив ќе исплови аденовирусна ДНК.

- Таа вирусна ДНК може да предизвика тревога во нашиот имунолошки систем, кој почнува да се брани од вирусот како што е и предвидено. Но додека имунолошкиот систем реагира, некои од ослободените ДНК-молекули се врзуваат за ПФ4, а потоа, среде целата таа тревога, за тој комплекс се врзуваат и анти-ПФ4 антителата.

- Ова доведува до активирање на плочките и резултира со ненадејно згрутчување на крвта, како кај ХИТ.

Бидејќи овој синдром (наречен „тромботична тромбоцитопенија предизвикана од вакцини“ или ВИТТ) е поврзан со аденовирусниот вектор, а не со некоја конкретна вакцина, се поставува прашањето како ова ќе се реши на пошироко технолошко ниво. Но ова сè уште е во фокусот на истражувањето - ќе видиме дали понатамошните истражувања ќе го потврдат овој механизам или ќе утврдат дека сепак е во прашање некој „покласичен“ систем на производство на тромбови. Кога ќе дојдеме до поцелосно разбирање на целиот механизам, можно е да можеме да го предвидиме или да го спречиме.

Додаток: Тромбоза и тромбофилија не е исто

Многу луѓе се збунети околу тромбофилијата и поставуваат прашања во врска со тоа. Тромбофилија е состојба на организмот во која се зголемува веројатноста за тромбоза. Но механизмите на кои им се случува ова се поинакви, така што луѓето што имаат проблеми со тромбофилија немаат неопходно поголем ризик кога се вакцинираат со овој вид вакцина.

Исто така, вреди да се напомене дека НЕ ТРЕБА да се земаат лекови како што е хепаринот. Хепаринот, конкретно, може да ја влоши ситуацијата во овој случај. Во моментов препорачаниот третман се состои од интравенозен имуноглобулин и директни анти-кса антикоагуланси (ривароксабан, апиксабан, едоксабан). Со други зборови, ако сте примиле вакцина и сте загрижени, немојте да пробувате со некакви домашни лекови или превенции. Ова се многу ретки ситуации, многу специфични и кога ќе се случат, третманот треба да го надгледува лекар.

 

5. Што значи ова за вакцинацијата со вакцините на Астразенека и Џонсон & Џонсон?

Иако ризикот е навистина мал, во НОРМАЛНИ околности ваквите несакани ефекти би се сметале за неприфатливи.

Ние денес не сме во нормални околности. Живееме во екот на голема пандемија, а ризиците од заразување со вирусот се далеку поголеми од ризиците од вакцинацијата.

Ако Астразенека беше единствената вакцина на пазарот, советот ќе беше многу едноставен: примете ја вакцината и покрај овој мал ризик. Сепак, постојат и други вакцини, а главното прашање станува како да се структурира вакцинацијата за да се вакцинираат што повеќе луѓе, а да се намали секој ризик. Целта е да се спречат негативните последици од вирусот, но без воведување НИКАКВИ негативни последици од вакцината, колку што е можно повеќе.

Изложеноста на зараза поради работните или животните околности сега драстично ја комплицира приказната за вакцинирањето, што, според британската статистика, добро го илустрираше д-р Дејвид Шпигелхалтер од Универзитетот во Кембриџ. Според неговите пресметки, во текот на следните 16 недели, на секои 100.000 млади луѓе (20-29 години) што работат во продавници и на слични работни места со поголем ризик, државата може да очекува околу 6 случаи на зараза со коронавирус со хоспитализација и тешки компликации.

Со други зборови, ризикот од вирусот сè уште е 6 пати поголем дури и кај толку млади луѓе, од ризикот од тромбоза.

Меѓутоа, на секои 100.000 луѓе на истата возраст (20-29) што се дистанцираат и имаат можност да работат од дома, може да се очекуваат само 0,8 случаи на зараза или компликации во следните 16 недели, што станува споредливо со ризикот од вакцината. Тука веќе се поставува прашањето: дали се исплаќа?

Балансот продолжува да се менува од земја во земја. Ако нивото на вирусна епидемија е високо, луѓето од сите возрасти имаат и поголеми шанси да се заразат. Во таква ситуација, заканата од вирусот е поголема и повеќе се исплаќа да се ризикува со вакцината. Но ако нема вирус (на пример, Австралија), побезбедно е да почекате да дојдат дози од некоја друга вакцина што не носат дополнителен ризик.

Поради ова, многу земји ја сменија структурата на вакцинирањето така што вакцината Астразенека им се дава само на постари лица, кои имаат поголем ризик од компликации поради зараза со коронавирусот. Бидејќи епидемиолошката состојба се разликува од земја во земја, така се разликуваат и точните правила и возрасти што се сметаат за „постари“.

 

6. Што треба да направат луѓето што веќе се вакцинирани со аденовирусна вакцина? Треба ли да се ревакцинираат?

Ако го земеме за пример најконзервативниот став и максимално се плашиме од проблеми со вакцините, сегашната состојба е таква што луѓето над 30 години дефинитивно треба да завршат со ревакцинацијата. Веројатноста за инфекција и компликации (или смрт) од коронавирусот е далеку поголема од кој било ризик од аденовирусните вакцини. За луѓето под 30-годишна возраст, може да се разгледаат различни пристапи и ревакцинации со други видови вакцини.

Наскоро ќе бидат достапни точни истражувања на ризиците, подетални анализи и совети од европските истражувања и нашите експерти ќе имаат можност да ги разгледаат тие податоци и предлози.

 

7. иРНК-вакцини (Фајзер, Модерна)

Да ја искористиме можноста да ја разгледаме моменталната состојба со другите видови вакцини, откако се дадени стотици милиони дози.

Повеќе од половина од вкупната популација на Израел и (за време на пишувањето на овој текст) околу четвртина од населението во САД се целосно вакцинирани со иРНК-вакцини (обете дози). За нив имаме најпрецизни информации, најдобри студии и најголем број трудови. И тие се покажаа НЕВЕРОЈАТНО добри. Создаваат високо ниво на отпорност, силен хуморален и клеточен имунитет, а се без значителни несакани ефекти.

И како најважна вест, скоро девет месеци откако првите учесници во третата фаза на клиничкото испитување ја примија втората доза, нивото на антитела сè уште им е високо. Сè уште не е можно точно да се предвиди колку долго ќе трае имунитетот, но можеме да очекуваме период што се мери со години, а не со месеци.

Најголемите пречки што остануваат пред овој вид вакцини се празни приказни. Приказната дека предизвикуваат стерилност продолжува да се шири, иако сега имаме примери на илјадници жени што останале бремени по вакцинирањето. Исто така, ајде да застанеме и да размислиме колку е лудо тврдењето дека една држава како Израел би го стерилизирала сопственото население!

Друга упорна празна приказна е дека иРНК-вакцините можат да го „променат генетскиот код“. Генетскиот код не е некоја мистична работа: денес можеме да секвенцираме ДНК и ако нешто го менува генетскиот код, тоа можеме директно да го видиме. Досега, од сите овие стотици милиони луѓе што биле вакцинирани, не е пронајден ниту еден случај во кој е забележана промена во генетскиот код.

Да се потсетиме: кога вирусот ќе ве зарази, тој во вашите клетки вбризгува стотици иРНК-молекули. Вакцината во клетката внесува само една од овие иРНК-молекули, онаа за шилестиот протеин. Затоа, ако вакцината има какви било последици, вирусната инфекција мора да ги има истите и полоши последици. Не може да биде вистина дека иРНК од вакцината е опасна, а дека стотиците иРНК од коронавирусот не се уште поопасни.


8. Деактивиран вирус (Синофарм, Синовак)

Од вакцината на Синофарм не се пријавени значителни несакани ефекти по дадени над 200 милиони дози. Она што е ново, Кина конечно призна (иако нејасно и со повлекување) дека вакцината има ограничена ефикасност, пониска од другите, и дека треба да се размислува за трета доза (барем кај некои приматели).

Другата кинеска вакцина, Синовак, е направена по истиот принцип и е широко користена во Јужна Америка, но ја нема во нашиот регион. Синовак вакцината има значително полоша ефикасност отколку Синофарм, но сепак е подобра од немањето вакцина. Доказ за тоа е ситуацијата во Чиле, каде што, иако не го спречи целосно ширењето на бразилскиот сој на вирусот, вакцинацијата со вакцината Синовак ги ублажи случаите и ги намали смртните случаи и хоспитализациите во споредба со Бразил, што покажува дека секоја заштита е подобра од немање заштита.


9. Вакцини во развој

Работата на други вакцини против коронавирусот е во полн ек, но овој текст не е наменет да даде целосен преглед на целото поле. Може да издвоиме две релевантни новини.

Првата вест се однесува на Новавакс, за кој се надевавме дека во борбата против пандемијата ќе придонесе со неколку стотици милиони дози од нејзината протеинска вакцина. Таа покажа доволна ефикасност и голема сигурност во истражувањето и се очекува да добие потврда во Велика Британија и САД во текот на следните неколку недели. За жал, проблемите со производството значат дека нема да ја има во големи количества во јули или август оваа година.

Компанијата Ваксарт извести за напредок со нејзината вакцина во форма на таблети, која сега влегува во третата фаза на тестирање. Оваа вакцина исто така користи аденовирусни вектори, но бидејќи тие поминуваат низ дигестивниот тракт наместо преку инјекција, би требало да ги избегне проблемите со тромбозата.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе